TOW#511 – Сообраќајна култура

0

Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и се обработуваат теми од секојдневниот живот коишто ќе ви помогнат да си го подобрите вашето лично и професионално работење. Коментарите за неделните совети, можете да ги пишувате на нашата Facebook – страница: MACEDONIA-EXPORT.

Прво, започнав да пишувам еден текст на друга тема, но после вчерашната моја сообраќајна голгота, како и неколку споделени коментари и слики од пријатели на ФБ, во однос на нашата сообраќајна (не)култура, решив да го сменам текстот за денес.

Зошто се застанува на сред раскрсница (кога е многу метеж за да се помине од другата страна) и се блокира сообраќајот од другите правци!?

Во сите културни земји се знае дека на сред раскрсница е забрането да се стои. На некои раскрсници кај нас, дури и убаво е обележано со црвена мрежа. Само да знаете дека на тој начин не само што не се поминува побрзо туку дури и се заглавува сообраќајот и се одолговлекува времето за пристигнување на саканата дестинација.

Зошто мора да се застане на сред пешачки, повторно кога е голем метеж, и да се блокира патот на пешаците!?

Згора на сè, кога сум застанал пред пешачкиот, бидејќи имало долга редица од коли пред мене (до пред самиот пешачки), одзади мора некој „паметен” да ми свири манијакално на свирката. Демек, ако преминам и застанам на пешачкиот, ќе ја забрзам редицата!

Зошто, ако се пушти 4-трепкачи мислиме дека може да застанеме каде било и да блокираме сообраќај!?

Еден пријател секое доаѓање од Австралија дознава нешто ново што се користи од нас како правило во сообраќајот. Сега баш ми спомена дека „најхит” му е тоа што, кога ќе пуштиш 4-трепкачи, може да правиш што сакаш!

Зошто веќе не (помалку) се користи светлосната сигнализација (трепкачи) кога се врти лево или десно или, пак, застанува покрај пат!?

Понекогаш кога сум во возило со некого, кој ќе се изнервира бидејќи некој не дал сигнализација кога врти или се паркира покрај улица, му велам, „не се нервирај тој/таа стално тука си врти и застанува и нема потреба да ти сигнализира тебе што ќе прави”. Ја забавува колата, си бараат место за паркинг, а никој не сигнализира дека мисли или сака да застане.

Зошто се преминува улица на 2 полни линии и го загрозува сообраќајот и животот на другите, а ако се повози 50 м подолу може да ја свртиме колата и се вратиме на местото каде што сакаме да одиме!?

Пред некој ден на една од главните улици во Скопје, не еден туку двајца во рок од 3 минути видов како преминуваат од едната до другата страна преку 2 полни линии. Најинтересно беше тоа што ладнокрвно си даваа сигнализација дека ќе свртат на полна линија, т.е. ќе направат прекршок за одземање на дозвола.

Зошто уште при самото вклучување на семафорот, веднаш се наоѓа некој „паметен” и да легне на свирката, со цел да ги забрза тие што се пред него да тргнат?

За ова, еднаш веќе пишував под насловот на неделниот совет „Нано-секунда”. Само да знаете дека никако нема да се забрза метежот или вие да поминете побрзо ако свирите. Дури само ќе си направите нервоза на себеси и на другите.

Зошто пешаците поминуваат на сред улица каде што не е означено и дури има ограда или цвеќарник, а пешачкиот е само на 50-тина метри од нив!?

Најстрашно е што сум видел повозрасни господа и госпоѓи, модерни девојки во потпетици, градски мангупи во одела итн. кои го прават тоа. Нека не ве мрзи да пропешачите уште некој метар, секако го намалувате вашиот и ризикот на останатите.

И како последно од оваа листа, а секако може цела книга да се напише, ако се направи убава анализа по нашите улици, зошто се поминува на црвено!?

Каде брзате?! Кај Св. Петар!?!? (еден старец еднаш го слушнав како му рече на еден дечко кој возеше велосипед на тротоарот многу брзо. Често ми се случува кога ќе се запали зелено за пешаци, уште неколку возила да поминат од другата страна. А штом се запалило зеленото за пешаците, тоа значи дека тие поминале на длабоко црвено. Ај, вашиот живот можеби не ви е важен, ама барем имајте чувства за другите, бидејќи им го загрозувате животот.

Навистина не знам, зошто!?

Толку ли ни спадна нивото на свесност и културата на ниско ниво?! Толку ли немаме никаков обѕир кон другите во сообраќајот дека можеби им го загрозуваме животот?! Толку ли сме возгордеани, па мислиме дека ние сме најважни?! Толку ли немаме чувство на вина кон другите!? Не знам…!!!

Еден пријател од Америка ми кажа еднаш една многу паметна работа. Вели „културата на еден народ се познава по сообраќајот и начинот на возење низ улиците”.

Овој текст не го гледајте само од аспект на „тие”, т.е. дека некој друг го прави ова, а ние не. Сите знаеме дека ни се случува понекогаш да направиме по некој ваков пропуст (кршење на правилата). А, бидејќи не може да ги промениме другите и да влијаеме на нивното ниво на свесност, барем да пробаме да се промениме ние самите и да ја подобриме културата во сообраќајот, а и пошироко.

Со успех во промените,

Петар Лазаров

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот