ИНТЕРВЈУ Sophia Morel „Низ животот мораме да одиме со отворено срце и искрено да се слушаме себеси“

0

 Sophia Morel е млада пејачка од Србија, која допрва почнува да го чекори ѕвездениот пат во матичната земја, но полека и низ Балканот. Првата музичка станица после Србија е Македонија.

 Sophia Morel создаде и испеа песна на македонски јазик со наслов „Последен ден“ која својата официјална промоција во музичкиот етер ја имаше на Метрополис Радио Мрежа.

Повеќе за песната и музичките амбиции, дознајте од интервјуто во продолжение.

Софија, иако сте нова на сцената во Србија, сепак Вашата музичка подготвЕност е со години наназад. Кажете ни повеќе за тоа..

Мојот музички живот некако започнува уште пред да се родам 😊 Мојата мајка е професор по харфа и можам слободно да кажам дека таа е „виновна“ за моето интересирање за музика. Кога бев мала, ја гледав како по дома свири харфа или клавир, па така и јас самата на 6 години почнав да ги свирам овие инструменти. Подоцна во животот, на музичката школа Мокрањац ги имав своите формални допири со музиката, свирејќи неколку инструменти, а потоа и соло пеење. Инаку, поголемиот дел од моето детство го поминав слушајќи класична музика. Покрај тоа, јас самата почнав да изразувам интерес за џез и поп, па со тоа малку почнав и да го менувам својот правец. Тоа беше и причината да одшетам во Франција, каде што неколку години, секоја зима настапував во џез состави. Паралелно со тоа, почнав да ја истражувам електронската музика, која во мојата родна Србија ми овозможи да настапувам со доста домашни и странски ДиЏеи. Тој период навистина доста придонесе во моето музичко развивање, па доста брзо и тоа неколку пати се најдов и на клубската сцена во Њујорк.

Поводот за ова интервју е песната „Последен ден“ која што ja отпеавте на македонски јазик, за неа велите дека има интересна приказна како настанала?

Песната „Последен ден“ е навистина посебна за мене лично. Настаната е исклучително од чисти и длабоки емоции и како таква има навистина еден интересен пат. Бидејќи јас го зедов најдоброто од Македонија, сметав дека е редно некако и да се оддолжам 😊

Имено, идејата за песната настана неколку дена пред новата 2019 година во Варшава. Размислував каков подарок да му земам на својот дечко, а да биде автентичен. Затоа и решив да му напишам песна, а за да да биде баш автентична, одлучив да биде на македонски јазик. Некако знаев дека тоа ќе го направи среќен. Знам колку тој ја сака својата земја, таа е дел од неговиот идентитет кој го сака, негува и јас навистина тоа многу го ценам кај него. Цел еден ден ја пишував песната, напишав 5-6 страни со сите убави и емотивни стихови, па неколку сати пред пат, му се јавив на својот пријател кој е пијанист и му кажав „Запри сè што работиш и чекај ме во студио“ 😊 Буквално, имавме неколку часа на располагање. Јас го дадов почетниот тоналитет, а понатаму се некако се развиваше природно. Така, стигнав на аеродром со пола готова песна, полу празен куфер, но полно срце. После тоа, заеднички се договоривме да ја унапредиме песната и да ја пласираме на музичкиот пазар.

На Вашите официјални социјални профили споделувате кавер песни кои ги пеете во живо – кои Ви се омилените, од која светска мега музичка ѕвезда најмногу сакате да пеете песни?

На мојот профил можете да најдете песни од Alicia Keys, Celine Dion, Lara Fabian, Beyonce , Christina Aguilera и слично. Често умеам да запеам нешто од Amy Winehouse, Etta James, Whitney, или некој од поновите изведувачи, но можам да кажам дека мој духовен ѕвер е Lady Gaga. Обожавам навистина сè што таа работи префесионално, но секако и нејзиниот персоналитет кој е во најмала рака е автеничен и виртуозен. Исто така, во моите ковер песни можете да најдете една спонтана преработка на прекрасната Каролина Гочева и нејзината волшебна песна „Кој да ми запее“. Многу ја сакам таа песна, извонредно е нежна, сензитивна и емотивна.

Да се навратиме малку наназад – која е првата песна која некогаш сте отпеале пред публика, дали се сеќавате на чувството кое го имавте тогаш?Дали тогаш знаевте дека еден ден музиката ќе биде Ваша професија?

Технички, моите први настапи почнуваат со детскиот хор, но сепак мојот прв мал соло настап се врзува за еден наптревар по соло пеење во основното училиште, кога настапив со At last на Etta James. Во тој период, учев и се занимавав и со глума, па поради тоа доста време поминував во театар, и иако обожавав да пеам и свирам, морам да признам дека бев заљубена и во идејата дека некогаш ќе бидам глумица. Така да, не ми беше баш најјасно во кој правец сакам да одам, но секако не ни размислував дека ќе се откажам од било кој од тие два. Сепак, некако низ времето сфатив дека музиката ми е најголемата пасија и на неа останав најверна

Која е најубавата критика што сте ја добиле досега за Вашата музичка кариера?

На среќа, често добивам позитивни коментари и тие секогаш се убави, се разбира. Би ја издвоила ситуацијата во која ми кажаа дека сум некако стварна и реална кога пеам, и дека со себе носам голема снага од друга димензија, некој X фактор. Но, сепак, некако најубави се оние коментари и критики кои се без зборови, кои се искажуваат со поглед или насмевка. Тоа чувство, кога ќе испеете некоја песна и преќутно се случува размена на енергија и взаемно разбирање. Тогаш знам дека сум допрела до некого. Тоа е најубавото чувство!

За крај, кое е Вашето животно мото, со каква мисла се будите секој ден?

Низ животот мораме да одиме со отворено срце и искрено да се слушаме себе си. Мораме да имаме љубов за нас самите и да се негуваме одвнатре и однадвор. Исто така, мораме да се развиваме во повеќе насоки, односно, кариерно, емотивно, спиритуално, ментално и физички. Сите овие сегменти се подеднакво важни. Така, од време на време мораме да се преиспитаме самите себе си, и да биде искрени во тоа да ли и колку сме напреднале во овие сфери, затоа што само така може навистина да одиме напред и да останеме релеватни. Понатаму, треба да бидеме свесни за нашата околина, да ја негуваме и чуваме и да имаме емпатија спрема луѓето, но и животните, зошто не сме сами на оваа планета, и секој има подеднакво право на живот тука. За крај, светот е полн со нови предизвици, и треба да бидеме отворени и спремни да се соочиме со нив, затоа што преку истите растеме, се развиваме и мораме да имаме имаме почит за сето она што ни го носи животот. Како и секогаш, препреката е пат!

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.