„Среќа се омажи и ти пред неколку години. Време ти беше, наполни 30, а не беше мажена“

0

Пред некој ден се сретнувам со една од моите блиски пријателски од минатото, се немавме видено неколку години. Среќни и двете, што сосема случајно се гледаме, седнуваме спонтано да испиеме едно кафе, да си поприкажеме за тоа што поминало.

Додека нарачуваме кафе, разговорот си тече, јас размислувам зошто сме престанале да се гледаме, да се слушаме на телефон, зошто сме престанале да бидеме дел од животот на другата.

Во еден момент, таа ми вика: „Среќа се омажи и ти пред неколку години. што ќе правеше сега да не беше мажена и со деца? Време ти беше, наполни 30, а не беше мажена.“

И ми стана јасно, каде сме ја расипале „калимерата“. Наеднаш, повторно губам желба за разговор, измислувам причина дека бебето нешто се вознемирило, морам да се вратам итно дома. Станувам, се поздравуваме и си велиме да се видиме побрзо овојпат, да не чекаме години да поминат.

Ја гушкам и знам дека следното видување, би било повторно случајно, некаде низ градов.

Заминувајќи, размислувам за тоа што ми го кажа. Нејзината констатација ме потсети дека живееме во општество каде ти судат ако не си во брак со наполнети 30 години. Деца ако немаш, не е страшно, ќе „дојдат“ тие сами, само ти биди во брак.

Не е важно што ти имаш успешна кариера зад себе, редовни финансии, добро здравје, сопствен стан и кола, пријатели и семејство…Важно е што на прстот немаш бурма и наместо со еден човек, не дај Боже да спиеш со неколку други.

Кога станавме вакви или отсекогаш сме биле, којзнае. За да бидеш среќен не ти треба да влегуваш во некаква општестевна рамка и да исполнуваш туѓи очекувања. За да бидеш среќен, треба да ги исполниш сопствените очекувања.

Бракот и децата треба да ги имаш кога ќе сакаш, не кога ќе треба. Не постои такво нешто „време ти е“, постои само „сакам“ и „можам“.

Затоа, следниот пат кога некој од вас ќе сретне другарка од типот „време ти е“, слободно нека ја заобиколи. Имало причина зошто таа излегла од твојот, живот, па затоа најубаво е да остане таму, во нејзиниот свет на среќа која што доаѓа само преку брак.

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот