Денеска е Водици, денот кога водите стануваат лековити

0

Денеска православните христијани го празнуваат празникот Богојавление (Водици), еден од најголемите христијански празници.

Денот поврзан со крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Крстител се празнувал уште во вториот век. Се верува дека кога бил крстен во реката Јордан, при самиот чин Исус ги осветил водите. И токму тоа е традицијата којашто се почитува денес – на Богојавление се извршува осветување на водите.

Крштевањето, пак, значи духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата, и токму затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и негов најблизок роднина.

Во моментот на крштевање на водите, како што се верува, тие за момент престануваат да течат и стануваат лековити, па со таа вода се лекувале разни болести.

Водици се празнува два дена. Првиот ден (19 јануари) се вика и Машки Водици, а вториот ден (20 јануари) се вика уште и Женски Водици.

Главен настан на Водици е фрлањето крст во некоја поголема вода – езеро, река или базен. Крстот го фрла попот и по него скокаат мажи, а се верува дека тој што ќе го фати крстот ќе има среќа цела година. Од друга страна, ако никој не успее да го фати крстот, ако го однесе водата, се смета дека тоа ќе биде многу несреќна година за сите.

Централната церемонија во Скопје ќе се случува на реката Вардар, спроти црквата Св. Богородица, а секоја година големо традиционално фрлање на крстот се случува и во Охрид, каде што во водите на Охридското Езеро скокаат дури и странци и државници.

Фотографии: интернет

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот