Секој човек кој го има гледано Титаник сигурно се сеќава на бабата и дедото кои лежејќи на креветот во својата кабина додека надоаѓаше студената вода, се гушкаа и мирно го чекаа нивниот крај. Таа сцена од филмот ги омекна и најтврдите срца, ама малку луѓе знаат дека во таа сцена не станува збор за имагинацијата на сценаристот, туку за неверојатна вистинска приказна за двајца патници на бродот Титаник кои одбиле да се спасат и се одлучиле кон смртта да одат баш онака како што живееле – заедно.
Исидор и Ида Штраус по многу нешта биле совршен пар. Иако нивниот брак бил договорен од страна на нивните фамилии, љубовта помеѓу американскиот бизнисмен и скромната девојка која од Европа се доселила во САД, набрзо пламнала и станала длабока и искрена. Исидор и Ида се венчале во 1871 година. По петнаесет години брак, тие веќе имале седум деца. Пријателите ги сметале за сродни души и сопружници кои биле неверојатно приврзани еден за друг. Поради својата работа, Исидор патувал многу, но секогаш се допишувал со сопругата.
Но, кога децата пораснала, Ида и Исидор немале причина за да бидат раздвоени додека тој патувал, па почнале да патуваат заедно. Така било и во кобната 1912 година. Парот ја поминал зимата во Франција и Англија. Во тоа време, производителите на јаглен штрајкувале, па единствениот начин Ида и Исидор да се вратат во Америка бил со големиот Титаник. Така, Исидор и Ида се нашле на пат кон Америка во април 1912 година кога моќниот Титаник удрил во санта мраз и започнал да тоне. Им бил понуден чамец за спасување, но најпрвин одбиле бидејќи на бродот сѐ уште имало жени и деца за спасување.
„Живеевме заедно многу години. Не сакам сега да се одделам од својот сопруг. Како што сме живееле, така и ќе умреме – заедно“ – рекла Ида, според сведоците кои се спасиле од бродот.
Иако Исидор ја молел да се спасат, Ида не го променила своето мислење. На својата помошничка и подарила бунда бидејќи сметала дека неа веќе нема да и биде потребна, па и помогнала да се смести во чамецот. Последен пат од страна на преживеаните патници, Исидор и Ида се видени како стојат на палубата, држејќи се за раце додека студената вода на Атлантикот го голтала Титаник.
Преживеаните патници кои пристигнале во Њујорк сведочеле за оваа приказна, а меѓу нив и помошничката Елен, нарекувајќи го парот „најневеројатен пример за љубов и приврзаност “ Одеднаш, нивната приказна станува светски позната и расплакува многу луѓе.
Телото на Исидор било пронајдено и идентификувано, додека телото на Ида засекогаш останало некаде длабоко во океанот. На Штраусовиот гроб, нивната голема љубовна приказна е сместена во еден цитат од Песна над Песните: „Водата ниту може да ја угасне љубовта, ниту да ја потопи.“
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот