Македонскиот цртан филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ е помеѓу трите најдобри во светот на најпрестижниот светски фестивал за детска телевизиска продукција „Prix Jeunesse International“, за наградата која ја промовира УНЕСКО.
УНЕСКО гo објави најтесниот круг и најдобрите три програми кои ќе се борат наградата за 2015/2016. Наградата се доделува за детски телевизиски програми кои промовираат разбирање и толеранција на различните култури, овојпат со акцент на интраперсоналните, внатрешните борби кои ги водат децата во себе секојдневно.
На 25.05.2016 Среда, во Минхен, од 20:00 часот со пренос на националната телевизија ZDF Германија, свечената прослава на која ќе биде прогласен победникот од оваа најтесна селекција, со што УНЕСКО ги поттикнува продукциите и телевизиите ширум светот во своите програми да промовираат вредности кај децата.
Цртаниот филм го создаде креативниот тим на „ОХО“. Продуцент е Пеце Талески, сценариото и режијата е на Елеонора Венинова, а анимацијата на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски. Илустрациите се на Тхе Мичо, а музиката е на Мите Димовски.
Фестивалот „Prix Jeunesse International“ или Оскарите за детска ТВ продукција, како што го нарекуваат во светот, се одржува 50 години во Минхен. Последните десет години, Македонија преку „ОХО“ е единствениот финалист од Балканот во која било од шестте категории.
Во изборот на финалистите учествуваа претставници на најпрестижните светски медиуми од ББС, ЗДФ, како и Австралиската телевизиска фондација, продуценти на големи продукции и анимациски студија како Ва Да Да, Зумабстицо од Чиле, Ок Манки од Данска… Досега во финалисти биле и популарните детски програми: „Маша и Медо“, „Улицата Сезам“, „Графало“, „Телетабиси“, „Дора истражува“…
„Прасето кое сакаше да биде птица“ досега беше емитуван на повеќе домашни и светски фестивали, како „Манаки“ во Битола, „Zlin Film Festival“ во Чешка, „Seoul Guro International Kids Film Festival“ во Јужна Кореја.