Одберете хоби за да го намалите стресот

0
Share on Facebook
Tweet on Twitter

Живееме во брзо секојдневие, каде стресот се чини стана сосема нормална работа. Од поаѓањето на работа или училиште наутро, превозот до саканата дестинација, самиот тек на денот со непредвидливи ситуации, до доаѓањето дома, ние постојано чувствуваме притисок кој не ни дозволува да се опуштиме и да уживаме во денот.

Постојат апчиња за кои докторите велат дека може да ни помогнат во намалување на стресот, но она што е реално е дека тие нема да помогнат во решавање на проблемите, ниту пак ќе делуваат повеќе од осум часа.

Затоа, ние избравме неколку хобија кои топло ги препорачуваме, за да си помогнете и да се опуштите и психички и физички.

Медитација

Сосема намерно, медитацијата ја избравме прва на оваа листа. Медитацијата од дамнешни времиња се смета за еден од најдобрите лекови за стресот. Докажано, таа помага да се опушти телото, а со тоа и мозокот. Иако, за оние кои се на почеток ова би изгледало прилично тешко (како јас да престанам да мислам), по извесно време рутина, вие ќе научите како да уживате во исклучувањето од надворешниот свет. Препорачуваме за почеток да појдете некаде на часови, каде би можеле инструкторите да ве упатат како да го постигнете тој баланс, а потоа веќе да се обидете и дома.

Фотографирајте

Па дури и не мора со професионален апарат. Земете го телефонот и одберете да сликате се околу вас што ви се чини забавно. Ако ви се наоѓа стар апарат кој работи на принцип на развивање слики, уште позабавно. Разгледувајте ги сликите со внимание и дознајте што е тоа што вас најмногу ве привлекува.

Пишување

Не секој може да биде писател. И не треба. Но, голем број од нас би сакале да можат и да знаат убаво да пишуваат. Ние не велиме дека треба да напишете бестселер или слично, туку едноставно да почнете да пишувате. Може да биде тоа дневник каде ќе ги внесувате вашите искуства и чувства од тековниот ден, или пак едноставно да се препуштите на фантазијата и да напиште приказна за она што би сакале. Којзнае, можеби баш тоа ваше четиво некому ќе му се допадне.

Одгледувајте цвеќиња

Зачудувачки е колку садењето цвеќиња влијае позитивно врз човекот. Појдете на пазар, одберете ги цветовите кои најмногу ќе ви се допаднат и засадете ги дома. Секојдневно ќе имате обврска да ги погледнувате, навадувате и неверојатно многу ќе уживате во резултатот кога тие ќе пораснат.

Прошетка во природа

Колку и да е краток денот, одвојте половна час да прошетате низ најблискиот или градскиот парк. Исклучете го телефонот и уживајте во погледот. Обидете се да не размислувате на ништо што се случило во текот на денот и разгледувајте ја природата.

 

Одредете ден за кино со вашето друштво

Одберете еден ден во неделата кој им одговара на сите пријатели и одредете да биде ден за кино. Пуштете филм кој ќе ве опушти и на крајот заедно дискутирајте за него. Тие неколку часа ќе бидете фокусирани на она што го гледате и ќе заборавите на тековните проблеми. Покрај тоа што ќе размените мислења со пријателите, ќе ви биде забавно и ќе се чувствувате веднаш подобро.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.