Мојот машки глас е искрен и го чувствувам со секој дел од телото – Ксенија Николова

0
Share on Facebook
Tweet on Twitter

Сите оние што уживаат во пишаниот збор на Ксенија Николова, сега ќе можат нејзините најинспиративни зборови да ги носат секаде со себе. Буквално. Младата авторка во соработка со својата издавачка куќа Матица и S.ignaturemkd денес ќе ги промовира патиките со нејзин потпис, а на кои се испишанои некои од зборовите кои се нејзина најголема мотивација и водилка во животот.

Три книги, трите одлично прифатени од публиката. Освен што имаат заеднички автор, која е нишката што ги поврзува, којашто ги прави твои, препознатливи?

„Мислам дека она што ги поврзува сите три книги е искреноста со која се напишани и начинот на кој се раскажани. Се трудев да го пронајдам својот глас како автор и да бидам удобна во сопствената кожа, да работам без да се фокусирам само на резултатот, туку најмногу на приказната која сакам да ја раскажам и што истата ќе промени. Можеби публиката токму тоа го виде во моите дела и затоа ги прифати.“

Веруваш ли во љубов на прво читање? Која книга си ја прочитала повеќе од еднаш, книга која можеби те инспирирала да почнеш и самата да пишуваш?

„Ги читам драмите на Дејан, и постојано и постојано се заљубувам како да е прв пат. Што се однесува до пишувањето, не верувам во тоа дека восхитот кон некое дело треба да те инспирира да напишеш и ти свое. Возможно е, но не е правилно. Не е вистински, не е природно. Не сме она што сме затоа што сме се восхитувале некому кој бил истото тоа што ние сме денес. Треба да бидеме она што сме заради тоа што друго не умееме да бидеме, затоа што сме само ова и само ова е нашата вистина.“

Пишуваш во машки род… Се сеќаваш ли на моментот кога реши од тебе да излезе гласот на посилниот пол? Всушност, зошто пишуваш и пренесуваш пораки преку очите, устата и умот на еден маж?

„Не го знам одговорот на ова прашање, но знам дека мојот машки глас е искрен и го чувствувам со секој дел од телото.“

Си размислувала ли за псевдоним? За твоето машко алтер его?

Да бидам искрена, не. Не би знаела како да се претставам како маж затоа што не сум тоа. Единствено што знам е да пишувам во машки род затоа што така ми доаѓа, нешто ме тера и тоа е тоа. Нема некој посебна филозофија или објаснување.“

Во соработка со твојата Матица и S.ignaturemkd својот „потпис“, односно твоите инспиративни мисли веќе се наоѓаат на нивната линија патики. Кои се зборовите што ги одбра? На кој начин те мотивираат тебе и која порака сакаш да ја пренесеш преку нив?

Одбрав позитивни и храбри зборови кои очекувам да дадат сила и мотивација за подобро утре. На пример, креирај, простувај, сакај, љуби, играј, смеј се и биди добар, скромен, вреден, умен, весел, среќен. Мене овие зборови ми се како знаци кои сакам секој ден да си ги гледам, да ме потсетуваат дека треба да бидам благодарна и дека мојата среќа зависи од мене и дека денес е нов ден и јас повторно имам шанса да направам нешто добро и да бидам среќна.“

Последниве години многу музичари инсистираат токму ти да напишеш текст за нивните песни. Колкав дел од текстовите се твоја приказна, а колкав дел е нивна сторија? Тешко ли е понекогаш да се најдат вистинските зборови?

Многу ми е драго што приказната со пишувањето текстови почна и трае, се радувам што добивам нови шанси да се докажам и изразам. Текстовите се случуваат спонтано и секој од нив има своја приказна. Не постои правило, постои само момент. Тешко е да се најдат вистинските зборови кога ги бараш, инаку е лесно, затоа што сами доаѓаат.“


Имам впечаток дека не си човек што може да застане на едно место, ниту да му се препушти на успехот без да се стреми кон нешто ново… Дали почнуваат да се движат пеперутките во тебе и да те тераат да размислуваш за следната книга? Или во главата се врти некој друг предизвик?

„Имам предизвици во главата, но ниеден од нив не е за некое наредно дело во овој период, затоа што последната книга убаво ме истроши со инспирација и чувствувам дека немам што да кажам во моментов. Работам на текстови, имам планови за некои други работи и приватно сум посветена на себеси малку повеќе, работам на својата личност, се трудам да растам и учам секој ден, среќна сум и ја ценам својата среќа, љубовта ми е насмеана и јас ѝ се смеам назад. Искрено, мојот најголем предизвик во моментов е мојот живот, сакам семејство и сакам деца, во мене веќе некое време постои голема желба за тоа и се радувам и на самата помисла, без разлика што уште се нема случено.“

Подготви: Андријана Јовановска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар