Успешноста на современиот свет се темели на длабоката традиција пренесувана со генерации и генерации низ вековите и децениите. Скопје, денес е голем и модерен град, но сепак низ сокаците на старата Скопска чаршија се уште се прераскажуваат старите приказни од познатите скопски маала за кои модерното време сè уште копнее. Старите скопјани добро го познаваат терминот Бирарија. Тој веднаш асоцира на некаква поврзаност со пивото, а сите добро знаеме дека Бирарија е една од скопските најстари населби. Талкајќи по тоа маало, може да наидеме на приказна која објаснува како е настаната оваа населба.
Скопјаните се надалеку познати гурмани, желни за добра скара, традиционален пијалак, чалгии и чаршиски муабет. Познато е дека меѓу омилените пијалаци на старите скопјани биле лимонада, газоза, салеп, кафе, чај, боза, вино, ракија и бира. Освен бирата, сите други пијалаци се служеле во сите предели на Македонија.
Не многу далеку од центарот на старо Скопје, поточно во подножјето на планината Водно, а во близина на црквата св. Петка, некаде во 19-тиот век од страна на фамилијата Арсовски била изградена Првата Парна Пивоварна, прва и единствена на територијата на Македонија. Со тој чекор, фамилијата Арсовски започнала да го произведува магичниот пенлив пијалак со златно- жолтеникава боја, а со вкус на денешното пиво. Старите Скопјани ја имале честа први да ја пробаат бирата, а старото Скопје било единственото место каде што можела да се пие истата и секој кој посакал да се напие од овој жолтеникав пијалак знаел дека мора да дојде во Скопје. Како и во минатато, така и денешно време, Скопјаните кога сакаат да се освежат, велат: “Дајте да се напиеме по една бирка“. Терминот пиво на оваа територија почнал да се употребува малку подоцна. Со цел да го доближат вкусот на бирата до сите обожаватели на алкохолот, фамилијата Арсовски во рамките на пиварницата направиле ан, кој претставувал збиралиште на сите Скопјани, но и можност секој трговски патник кој поминувал низ Скопје да може да преспие и да си ја исполни желбата да го проба вкусот на бирата. Индустриското пиво Аловина, Арсовски го подготвувале на уникатен начин. Рецептот е едноставен, велат, само треба да се биде мајстор како Арсовски.
Овој посебен вид на алкохол се приготвувал со набабрување на јачмен или овес, потоа се оставал истиот да се исуши, за подоцна да се измеле и да се добие брашно. Од добиеното брашно се замесувало тесто со студена вода и се ставало на дното на некој сад. Врз него се поставувал влачен камен и веднаш потоа садот се полнел со врела вода, по што доаѓало до вриење, односно ферментација. Така се добивал жолтеникав пијалак со 2,5-4 % алкохол, и со вкус на денешното пиво. Пивото било чувано во големи дрвени буриња, сместени во подрумите на анот кои помагале да се задржи подолго време оригиналниот вкус на домашното индустриско пиво Аловина, а истото било послужувано во големи кригли од 300 мл. Сакајќи да се доближат до вкусот на бирата, а истовремено да се релаксираат во сопствен дом и мирисот на шумскиот предел на Водно, старите Скопјани почнале да ги градат своите викенд –куќи во непосредна близина на Првата Парна Пивоварна. Со текот на времето, на ова место се изградиле многу викенд –куќи, по што местото почнало да личи на населба.
Инспирирани од бирата, сопствениците на викенд-куќите ова место го нарекле населба Бирарија, за истата да прерасне во општина Бирарија која самостојно делувала до 60-тите години од минатиот век, за подоцна да делува само како урбана заедница и е дел од населбата Црниче.
Се прашуваме што се случило од оваа Прва Парна Пивоварна? На голема трагедија, истата била комплетно уништена во пожар, за потоа истата да биде изградена во денешната населба Керамидница. Ама ете, малкумина знаат дека честа први да пијат индустриско пиво ја имале старите скопјани кои својот омилен пијалак го набавувале од првата фабрика за пиво во Македонија, Прва Парна Пивоварна.
Текстот го напиша: Бранкица Анѓелевска
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.