За секој вистински љубител на животни, неговиот миленик е дел од семејството. Особено на мачките и кучињата им дозволуваме да спијат и јадат со нас. Го негуваме нивното здравје, си играме со нив, им обрнуваме внимание и буквално го отвараме домот и срцето за нив. Некои се вистински среќници, но не сите ја делат истата судбина. Во недостаток на грижа, љубов и пренатрупаност со обврски, голем дел од сопствениците на домашни миленици забораваат на нив и едноставно ги оставаат заврзани во дворот, изложени на лоши временски услови, без храна и вода.
Сте се запрашале ли, како изгледа еден обичен ден на ваквите несреќни кучиња?
Од нивна перспектива, тоа најверојатно би изгледало вака:
06:00 часот наутро – Од куќата се слушаат звуци и чекори, но никој не доаѓа да ме види. Зборуваат и се смеат. Посакувам да бев со нив.
06:30 часот – Гладен сум и жеден. Минатата ноќ случајно со синџирот ги поткачив чиниите со храна и вода и се истурија.
06:45 часот – Синџирчето околу мојот врат е претесно, ме повредува и ме боли.
07:30 часот – Луѓето кои живеат во куќата заминуваат. Се затрчав кон нив мавтајќи со опавчето и мислев дека ќе ме забележат, но бидејќи сум врзан за оградата синџирот ме повлече наназад и паднав на земја.
Од 08:15 до 14:00 часот– Не знам што да правам со себе си. Вака врзан не можам да ја заштитам куќата. Немам играчки за да си играм и нема други кучиња наоколу кои би ми правеле друштво. Можеби ако лаам некој ќе дојде да си поигра со мене.
Од 14:00-14-30 – Проаѓа случаен минувач и ме гледа чудно. Дали изгледам лошо? Знам дека сум валкан, но како да бидам чист кога лежам во кал. Се вртам во круг лаам на него бидејќи не знам што друго да правам. Понекогаш и завивам.
15:15-15:30 часот – Најмладиот член од семејството се врати дома. Можеби ќе дојде да си играме!
Не доаѓа…
Одам да извршам нужда на истото место на кое секогаш го правам тоа. Не се наоѓа далеку од местото на кое спијам.
16:30 часот – И останатите членови на семејството се вратија дома.Еден од нив доаѓа и силно ми извикува да престанам да лаам. Се повлекувам веднаш. Збунет сум.
17:00 часот – Од куќата се чуствува мирис на храна. Се уште сум гладен и жеден.
19:00 часот – Еден човек од куќата изглегува и доаѓа да ме види. Ми става вода и храна во чиниите, а јас сум пресреќен што ми обрнува внимание и скокам врз него при што ги истурам и двете чинии и му ја валкам облеката. Тој луто ми вели дека тоа е една од причините зошто не живеам внатре во куќата и си оди.
20:30 часот – Уште една осамена ноќ. Сонувам дека сум врзан за ланец бидејќи тоа е се што знам.
Бидете совесни и не дозволувајте Вашиот миленик да биде несреќен и да минува низ тешки моменти. Доколку од различни причини не сте во можност да се грижите за него најдобра опција е да го подарите на некој кој ќе му ја пружи потребната љубов и нега.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот