Во времето на Отоманската империја, а со доаѓањето на Турците во Македонија, во источниот дел на земјава се населиле припадници на турската етничка група Јуруци. Нивното име во превод буквално значи „номади“, па барајќи дом за себе, некои од нив и денес живеат на територијата на Источна Македонија.
Во Македонија малку се знае за Јуруците. Многумина, всушност, никогаш не чуле за нивното постоење и не знаат дека тие се дел од етничката различност во земјава.
Јуруците во Македонија се населиле уште во 14тиот век. Во тој период имале статус на „деца на освојувачот“, затоа што се движеле заедно со османлиската војска.
Најголемиот број Јуруците во Македонија живеат во селата на планината Плачковица: Коџалија, Парналија, Али Коч, ама и во селата во близина на Дојран, Штип, Струмица и Радовиш. Овие мали групи по вероисповед се муслимани и зборуваат дијалект на турскиот јазик кој дури и дел од македонските Турци не го разбираат. Живеат изолирано и иако скоро целиот живот го минуваат во Македонија, голем дел од нив не знаат да го зборуваат македонскиот јазик.
Тие се силни поклоници на традицијата што се пренесува од колено на колено - девојчињата одат само во основно училиште, се мажат во тинејџерските години и тоа за мажот кој ќе ги купи, раѓаат деца, работат во полето или шијат облека. И не знаат никако поинаку. Само мал дел од нив знаат што се случува во светот надвор од нивното село и племе и сакаат да го искусат модерниот начин на живот.
Карактеристична за нив е живописната носија во силни бои, најчесто црвената, сината, зелената и жолтата.
Куќите каде што живеат се „заглавени“ во времето - бели бојосани ѕидови, но немалтерисани; тесни квадратни прозорци поставени високо на ѕидовите; ниски тавани; шарени простирки по подот; соби без ниту едно парче мебел…
Технологијата не ги одминала. Во куќите постојат телевизори (не во сите), ама и тогаш се гледаат исклучиво турски канали бидејќи многу мал број членови на јуручките групи зборуваат македонски.
Ова е сè уште строго конзервативна и патријархална заедница. Жените не се појавуваат пред непознати луѓе, не разговараат со нив и никогаш не комуницираат со непознати мажи. Единствено постарите жени, но само понекогаш, без страв од своите мажи и од традицијата, комуницираат со дојденците-жени кои не се дел од нивната мала заедница.
Мажите не носат традиционална носија. Тие користат мобилни телефони, патуваат и комуницираат со „надворешниот свет“. Младите мажи возат мотоцикли со кои одат во околните места и поминуваат време во кафулиња и дискотеки. Дури и дваесетина Јуруци студираат на Универзитетот во Штип.
Тие се доказ дека, времињата, сепак се менуваат.
Подготви: Андријана Јовановска
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.