Разговаравме со најдобриот македонски автомобилист, за неговите почетоци, за тутулите и предизвиците, за идните планови кои сака да ги оствари. Професионален и одмерен, Игор Стефановски - Иџе во ексклузивно интервју за Hybread.mk.
Како од денешен агол ја доживувате својата прва трка?
Ако мислите на првата трка воопшто иако беше одамна незаборавна е непроспиената ноќ пред трката, желбата стартот да биде што побрзо, поддршката од пријателите, високиот адреналин… Ако мислите на сегашната прва кружна трка слободно можам да кажам дека истите чувства се присутни, но со огромна одговорност како претставник на нашата држава и одговорност како двократен европски шампион во брдските патеки и се уште актуелен на истите.
Каков е патот до европскиот врв?
До секој успех патот е контрадикторен, тежок и убав. Тежок од аспект дека треба многу самоодрекнувања, тренинзи, анализи како на конкурентите, патеките, техничката подготвеност на возилото така и на психичката смиреност, на физичката кондиција, но бескрајно убаво кога ќе дојдете на целта и кога ќе ја почувствувате искрената радост на вашите блиски и на фановите. Тоа е неописливо чувство за кое вреди да се тренира, учи и работи.
Години наназад собравте бројни титули испишувајќи ја историјата на македонскиот автомобилизам. Тешко ли е да се биде шампион?
Пред се би рекол дека е одговорно, како првак станувате на некој начин идол на младите натпреварувачи и со тоа имате обврска да делувате на нив како во делот на спортот така и приватно. Не, не е тешко затоа што и самите знаете дека спортистите се научени на фер-плеј, не консумираат алкохол, не пушат, не се проблематични, сакаат да помогнат колку што можат, така што мислам дека пред се е чест и одговорност, а тешкотија никако. Двете титули ви даваат авторитет, но и притисок, потребна е голема концентрација и одговорност.
Неодамна дебитиравте во ЕТЦЦ шампионатот, па на трката во Франција и покрај бројните проблеми постигна солиден успех. Какви предизвици пред Вас постави токму тој пласман?
Ново возило, нови патеки, нови конкуренти, нови правила, но старата желба – да се биде подобар на следната трка. Ударот и дефектот беа сериозни, но повторно се враќаме на карактерот на спортистите, истрајност, упорност и без отстапување. Резултатот е солиден имајќи ги во предвид околностите, но за мене лично првите бодови што ги освоив јас како Македонец се значајни.
Колку среќа, а колку вештина се потребни за добра трка и пласман?
Би сакал да избегам од тој стереотип среќа – вештина. Да, и двете работи што ги наведовте се едни од клучните, но тука се перформансите на возилото, на пневматиците, временските услови, многу важен е тимот на механичари, инженери, па ако сакате и исхраната, психофизичката подготвеност… Има премногу фактори кои се од огромно значење за успешна трка, можеби некогаш било потребно само вештина и среќа, но верувајте сега успешен натпреварувач има тим од 30 професионалци. Секако возачот е главна карика, но ланецот е долг и финансиски голем.
Сметате ли дека сте зависник од адреналин?
Секој спортист, па и јас живее за денот на натпреварот, се подготвува напорно, тренира и на тој ден адреналинот е тој што ве понесува, што ве држи. Можеби зборот зависник е претежок, но го сакам чувството на зголемен адреналин.
Во една Ваша изјава велите дека секогаш се вложувате до максимум. До каде е лимитот на Игор?
Лимитот е до таму до кај што ќе кажат спонзорите. Се шегувам! Свесен сум дека сум двократен и се уште актуелен европски шампион на бртски патеки и свесен сум дека тоа обврзува на очекувања за подобри резултати и во овој шампионат, но на жалост финансиските средства во голема мерка го условуваат тој успех. Јас, како Игор, ќе го дадам максимумот на секоја трка, ќе се трудам да бидам што подобар и во оваа дебитантска сезона да освојам што поголем број на бодови, а каде е лимитот, е тоа никој не знае.
Која неизвозената патека е Ваш предизвик?
Дефинитивно најголем предизвик од возачки карактер ќе биде третата трка која ќе ја возиме оваа година. Тоа е најдолгата и најопасната воопшто во светот на автомобилизмот на кружни патеки – Nirburgring. Ќе биде еден нов предизвик за мене да се совладаат сите тие свиоци кои се возат со брзини и преку 230км, но сум подготвен да дадам се од себе.
Кaков човек сте приватно, како го поминувате слободното време?
Семеен човек кој заедно со мојата сопруга се трудиме нашите две дечиња да ги изградиме во чесни и честити личности. Секој слободен момент сакам да го поминувам со нив тројца и тоа ме прави бескрајно среќен.
Што најмногу Ви пречи во градскиот сообраќај?
Нетолерантноста, агресивноста на поединци учесници, не почитување на основните законски прописи. Она што верувам на сите ни пречи. Треба сите да сфатиме дека возилото е превозно средство, но и опасно оружје. Лично сметам дека пешачкиот премин, семафорот и велосипедската патека се “свето тројство“ во сообраќајот.
Ветува ли Македонија млади „Летечки Македонци“?
Секако! Во мојата академија за возачи веќе има неколку таленти кои вистински го сакаат овој спорт и кои ветуваат резултати. Во рамките на моите можности максимално им помагам да ги совладаат вештините и несебично им ги откривам тајните на овој прекрасен спорт. Накратко, Македонија ќе има со што да се гордее!
Каква е соработката со “Кожувчанка”?
Менаџментот на Кожувчанка секогаш има чувство за соработка со успешни луѓе, погледнете ја плејадата на врвни личности и списокот на настани во кои учествувала оваа компанија и тука ќе откриете една успешна фирма која дел од профитот вложува во хумани, културни и спортски цели. Соработката со Кожувчанка е веќе неколку години успешна соработка и се надевам на уште многу заеднички успеси.
Кои се Вашите следни планови?
За следни планови е се уште рано за размислување, пред се бидејќи годинешниов шампионат само што започна и сакам да се фокусирам и посветан максимално на него за остварување на што подобар пласман, но секако нашата цел е настан на некој од светските шампионати во иднина.
Фото: Фан страната на Игор Стефановски - Иџе
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот