ИНТЕРВЈУ Д-р. Радица Маџоска (педијатар) – Тема: Грип, настинки и инфекции

0
Share on Facebook
Tweet on Twitter

Доктор Радица Маџоска е долгогодишен педијатар, жена која многумина од вас ќе ја препознаат како докторка на своето мало дете. Овој пат со неа разговараме на многу актуелна тема - грипот, настинките и инфекциите кај децата.

Во овој период актуелни се настинките и гриповите, но и загадувањето на воздухот. Дали имаат поврзаност овие работи, дали бебињата и децата треба да се чуваат дома кога загадувањето е големо надвор?

Зимскиот период е познат по зголемениот број заболувања. Бројот на вирусните инфекции не се разликува многу од другите периоди, но самото ладно време и условите што ги носи, зголемено седење во затворен простор, собирот на голем број луѓе во затворен простор, намалено проветрување, доведува до побрзо и полесно ширење на инфекциите. Актуелни вирусни инфекции во зимскиот период се: вирусот на инфлуенца-грип, проследен со висока температура во траење од неколку денови, кашлица, носна секреција, омалаксаност, риновируси манифестирани со носна секреција и кашлица со лесно покачена температура, тука се и рота и аденовирусите кои се манифестирани со пролив, повраќање, покачена телесна температура, а може да бидат проследени и со респираторни тегоби, коксаки вирусот актуелен оваа сезона со осипни промени на кожата и висока телесна температури. Секако, загадениот воздух е сојузник со вирусите и алергиите и дополнително придонесува за продолжување на симптомите на болест, манифестирано најмногу со респираторна симптоматологија, пролонгирана сува и надразнителна кашлица. Кај атописките пациенти, пациентите со астма, хронична белодробна болест, особено лошо влијае и доведува до компликации.

Поради тоа, се препорачува намалено проветрување на домовите и намалено изложување на загаден воздух, во услови кога загаденоста е на повисоко ниво од дозволеното и се однесува за бебињата, децата, бремените жени и хронично болните пациенти.

Како родителите да разликуваат настинка од грип, кога е време за посета на лекар?

Грипот е вирусна инфекција предизвикана од вирусот на инфлуeнца кој има неколку типови и субтипови. Се манифестира со висока телесна температира проследена со омалксаност и респираторни симптоми. По разболувањето се стекнуваме со ограничен имунитет, но поради многуте типови и субтипови и високата контагиозност на вирусот се разболуваме често од овој вирус и тој лесно се шири, така што голем број од населението заболува. Лекувањето е симптоматско со антипиретици, витамини, течности и мирување. Доколку се појават компликации, тогаш во лекувањето се вклучуваат и дополнителни лекови, во зависност од состојбата.

Настинка или прелада, често се употребува во народот, некогаш дури и неприкладно за состојбата, сепак и настинката е вирусна инфекција, манифестирана со носна секреција, кивавица и кашлица понекогаш проследени со лесно покачување на телесната температура. Лекувањето е строго со симптоматска терапија. Компликации не се познати.

Сите родители кога ќе се соочат со покачена температура кај своето дете треба да ги применат мерките за симнување на температурата, а тоа се до 38,5Ц детето да се лади, пресоблече, тушира, а над 38,5Ц да се даде симптоматска терапија, антипиретик од групата на парацетамол. Да се хидрира, поточно да се даваат течности. Да се внимава на дополнителните симптоми и состојбата на детето (дали добро јаде, пие, спие, дали е весело) доколу симптомите траат до 72 часа, а состојбата на детето е добра не треба да се посетува лекар, но доколку има влошување потребна е посета на лекар и порано.

Децата како најфрагилни, се и најподложни на инфекции. Како да се заштитат?

Доeнчињата кои не се доени имаат заштита од трансплацентарниот стекнат имунитет од мајката, до 40 дена, потоа тој паѓа и тие се подложни на разболување. Доените доенчиња имаат заштита до 8-от месец. Потоа нивото на имуноглобулините кои ги добиле од мајчиното млеко паѓа и се подложни на разболувње. Имуниот систем кај децата се создава до третата година со најголем интензитет, кога се застапени и најголемиот број заболувања, при што се среќаваме со чести разболувања кај едно дете, по 2 инфекции месечно. Според Светската здравствена организација, ваквиот број на разболувања е нормално. Често родителите бараат помош во голем број антибиотици и лекови, но дали е потребно сето тоа?

Со разболувањето, всушност се создава имуниот систем. Имуниот систем треба да се сфати како празна табла, кој со разболувањето ја испишува таа табла, се испишува со информации кон различните вируси, кои подоцна, во школскиот период едноставно ќе се манифестира со поретки и полесни разболувања.

Кај ваквите случаи кога имаме чести разболувања кои се главно на горните дишни патишта и немаат компликации, нема потреба од заштитни средства, освен здрава храна, течности, хигиена и сон.

Како преку исхраната да се подобри имунитетот кај децата, на што да обрнат внимание родителите?

Секогаш треба да се стремат на трпезата да има сезонска храна од поднебјето во кое се живее, истата добро измиена и припремена. Потребен е внес на разновидна храна и застапеност на сите видови храна - протеини, јаглехидрати, овошје, зеленчук.

Дали ги препорачувате имуностимулаторите кои сè почесто се користат кај децата?

Кај децата со чести респираторни инфекти кои често се подложни на компликации, во одредена возрасна група, најчесто во трета годишна возраст линкувано со почетокот на посетата во градинка, се препорачува внес на имуностимулатори. Но сепак потребна е внимателност со овие лекови, потребно е да се дадат по совет на лекар, а не самостојно или по совет од аптека, затоа што имуниот систем кај децата е пандорина кутија, сè уште не е докрај осознаен и не се знае во која насока може да се развие, дали во насока на подобрување на имунитетот и полесно надминување на инфекциите или во насока на болест во поново време и автоимуните заболувања. Секој лек треба да се користи по совет на лекар.

Каде најчесто грешат родителите кога во овој зимски период се обидуваат да го заштитат детето?

Заштита конкретна нема, децата ќе се разболуваат сè додека не се оформи имуниот систем, додека не се сретнат сите инфекции. Најголемата штета е употребата на антибиотиците при вирусни инфекции. Со самата употреба на антибиотици кога не е потребно се намалува имуниот систем и се навлегува во еден циклус од постојано разболување. Апелот е да се негува детето првите неколку дена по разболувањето во домашни услови, не да се оди во преполните амбуланти каде што може да добие друга инфекција, да не се употребуваат антибиотици на своја рака и на крајот да бидат по спокојни, ако гледаат дека инфекциите лесно поминуваат да се сфати како нормална состојба кај децата.

За крај, да разјасниме уште една дилема со која се соочуваат родителите: дали градинките се извор на бактерии и инфекции, посебно во есенско-зимскиот период или станува збор за заблуда ?

Секако дека градинките се извор на инфекции. За разболување има два фактори: возраста на децата, тие се слаби организми за вирусите, вирусите тоа го користат во смисла, вирусот станува попотентен (помоќен) лесно се пренесува и потешко поминува инфектот, казавме погоре кај некои деца и со компликациии. Затоа имаме деца кои периодот во градинка го поминуваат со растечен нос, а други се чести посетители на болниците. Значи за децата кои се поподложни на чести и тешки инфекти привремено да се отсранат од градинката. Додека пак градинките секако дека треба да ги подобрат условите, зголемена хигиена, секојдневно чистење на просториите и нивно дезинфицирање, отстранување на болните деца или изградба на посебни простории каде би се изолрале болните деца. И секако, редовно вакцинирање на децата, по вакцинациски календар.

Подготви: Билјана Настеска - Каланоска

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот