Тројца тинејџери тргнуваат на вселенско патување што ќе им го смени животот, 40 години по стапнувањето на човекот на Месечината. За да обезбеди средства за истражување и да привлече поголемо внимание, НАСА приредува историска меѓународна лотарија во која тројца среќни тинејџери може да освојат еднонеделно патување до вселенската станица Дарла!
За Мија од Норвешка тоа е билет за популарност на нејзиниот бенд. Мидори верува дека така ќе излезе од својот ограничен живот во Јапонија, а Антоан од Франција сака да избега што подалеку од својата поранешна девојка која не може да ја заборави. Понесени од големи надежи, тие не знаат дека на површината на Месечината ги чека разоткривање на една злокобна тајна. Во тој далечен, сив и безличен простор – никој не доаѓа да ги спаси.
Во оваа застрашувачка авантура, во непознатиот пејзаж на Месечината, еден од најдобрите норвешки романсиери Јохан Харштад создава живописен и застрашувачки свет на можности за кои само можеме да се надеваме дека никогаш нема да се остварат.
Романот е своевидна комбинација од фантастичните и хорор-филмови од 70-тите и 80-тите години. Добитник е на наградата „Браге“ за најдобар роман за деца и преведен дури на 27 јазици со многу пофалби од критиката, која во Норвешка го прогласи за најдобриот научнофантастичен роман на сите времиња.
Јохан Харстад (10 февруари 1979, Ставангер) е норвешки романсиер, раскажувач, драматург и графички дизајнер. Дебитирал на книжевната сцена во 2001 година, како дваесет и двегодишник, со збирката раскази Отсега само ќе старееш, а веќе следната години ја објавил втората збирка раскази Амбулантно возило. Во 2005 година излегува од печат неговиот прв роман, Баз Олдрин, каде исчезна во оваа збрка? Романот е преведен на повеќе од 10 јазици и според него во 2009 година е снимена телевизиска серија со најпознатите норвешки актери.