Не знам како досега не научивте дека не се разговара на мобилен телефон додека сте во банка. Навистина не сфаќам!
Утрово, влегувам во банка за да ги платам сметките. Пред мене ред чекаат повеќе од петнаесет луѓе, а функционира само еден шалтер. Океј, нема проблем, ќе причекам. Во умот постојано си повторувам: трпение – спасение.
Климата не им работи, луѓе пред мене, после мене се потат. Некои не знаат што е дезодоранс, ама ајде ќе издржам!
Некои тивко си шушкаат, ги коментираат најновите трачеви од градот, кукаат за стандардот, се убедуваат дека во странство е подобро.
И одеднаш, целата ситуација добива поинаков тек: Повеќе од дваесет луѓе во банката слушаат како на една тетка и ѕвони мобилниот телефон со темата: „Не кани ме“. Упорно го бара мобилниот низ чанта. Мелодијата запира. Не успева да го најде. Само што воздивнав, ете го телефонот, пак си ѕвони. Кончено успева да го најде.
На цел глас си прикажува со некоја пријателка како и загорел ручекот, дека заборавила да купи моркови од пазар, се изнервирала оти пензијата и доцнала еден ден, вчера се скарала со снаата, сакала да си купи нов чаршаф за масата во дворот, дрвата за огрев се уште не и биле стигнати… Пардон, не разговара, туку вика.
Ми пука филм во глава. Го напуштам редот и се придвижувам кон неа. Со љубезен тон и објаснувам дека сме во банка, а не на пазар и никого не го интересира дали таа има направено ручек или не, дали се сака со снаата или не и кога и стига пензијата. Ми рече дека сум некултурна и дрска.
Госпоѓо, ако во вашите очи сум некултурна и дрска затоа што ви укажав каде сме, тоа не е мој проблем. Барем сум само во вашите. Вие во очите на повеќе од дваесет луѓе кои утринава беа во банката бевте сто пати повеќе некултурна и дрска од мене.
И се надевам дека Марфи ќе ви стане пријател, па ќе ви сменува батерија секој пат кога ќе влегувате во банка!
Поздрав од Срна
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот