Доколку се чувствувате уморно и дехидрирано, имате чести главоболки, нервозни сте или депресивни, имате пад на имунитетот, тогаш искористете ја пролетната сезона за да направите детоксикација на организмот, да ги надоместите сите оние витамини кои ви недостигале во текот на зимата и раната пролет, да го очистите телото од токсини и да ги наполните батериите. Иако детоксикацијата на организмот може да ја направите во кое било годишно време, експертите советуваат дека пролетта е најдоброто време за тоа. Во природата, пролетта е време на будење, обновување и растење, а ритамот на нашето тело е поврзан со ритамот на природата.
Како да направите детоксикација во неколку едноставни чекори?
Процесот не е комплициран. Придржувајте се до следниве едноставни правила и наскоро ќе се чувствувате многу подобро, полни со енергија, со свеж изглед и одличен метаболизам.
Најнапред, треба да знаете дека е потребно да консумирате што повеќе овошје и во кој било облик, свежо, суво, како цеден сок… Овошјето ќе ви даде енергија и виталност.
Пијте што повеќе вода! Водата е клучен фактор за нашето добро здравје и игра важна улога во сите процеси на организмот. Секојдневно, пијте осум до десет чаши вода. Водата помага да ги исфрлите токсините од телото, го подобрува метаболизмот, расположението и изгледот на кожата.
Зелениот зеленчук како спанаќ, брокула, кељ е богат со витамини и минерали кои ни се потребни за зајакнување на имунитетот, го чисти телото од отрови и содржи малку калории. Јадете го што е можно повеќе, свеж или приготвен на пареа, во салата или во смути.
Консумирајте интегрални житарки бидејќи тие се одличен извор на антиоксиданси, витамини, минерали, протеини и диетални влакна.
Запомнете дека лимонот е совршена намирница за детоксикација бидејќи ги елиминира токсините од организмот. Пијте вода со лимон, цеден лимон или додавајте го во смути.
Одмарајте! Сонот е важен за регенерацијата на нашето тело. Одете на спиење малку порано. Правете лесни вежби како пешачење, јога или таи-чи. Поминувајте што е можно повеќе време во природа. Кислородот е основен елемент на животот и ќе ви овозможи да имате енергија, виталност и здравје.
Што треба да избегнувате при детоксикација на организмот?
Избегнувајте да консумирате кафе, алкохол, газирана пијалаци, маргарин, бел шеќер, преработена храна. Ако не можете да ги откажете цигарите, барем сведете ги на минимум. Не јадете тешка и мрсна храна и наместо да ја пржите храната, гответе ја на пареа.
Со ваквиот начин на исхрана ќе видите дека само по две недели ќе се чувствувате многу подобро, полни со енергија и здрави.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот