Познатите личности, особено уметниците отсекогаш го привлекувале вниманието на јавноста. Ги одбравме најславните композитори за чии животи се врзани неверојатни случувања и факти, пикантни детали кои не ги знаевте и мистериозни прашања кои се уште висат во воздухот…
Јохан Себастијан Бах е германски композитор кој творел во периодот на барокот. Toj е меѓу најплодните од сите големи композитори, за 65 години направил околу 1.200 музички дела и 20 деца. Марија Барбара му е прва жена и втора братучетка истовремено. Се претпоставува дека добар дел од делата на Бах се всушност напишани од неговата втора жена Ана Магдалена, која притоа нашла време да му роди и 13 деца.
Антонио Вивалди е венецијански композитор, виртуоз на виолина и свештеник. Бил вообразен и арогантен. Го викале Црвениот свештеник затоа што косата му била исклучително црвена.
Петар Илич Чајковски е руски композитор од периодот на романтизмот. Пред комплетно да се посвети на музиката, работел како службеник во министерство за правда. Ги напишал делата „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“. Се смета дека имал хомосексуални тенденции. Една од шпекулациите околу негова смрт е дека се отрул со арсеник.
Фредерик Шопен е полски композитор и пијанист. На седум години ги искомпонирал првите две полонези, а веќе на 10 години професорот по пијано му кажал дека нема на што повеќе да го научи. Имал исклучително добра смисла за хумор. Одреден период носел брада само на една страна од лицето. Умрел на само 39 години, а погребан е на гробиштата „Пер Лажез“ во Париз каде што се и Џим Морисон, Оскар Вајлд и Едит Пјаф.
Карл Орф е германски композитор кој творел во 20 век. Неговото најпознато дело „Кармина бурана“ е искористена во филмови, на пример, во хоророт „Деца на пченките“ и во „Родени убијци“. Се женел четири пари, а го опишуваат како вечен адолесцент – себичен и неодговорен.
Волфганг Амадеус Моцарт, австриски композитор и истовремено еден од најпознатите композитори на класична музика. Умрел на 35 години, а постојат повеќе теории околу неговата смрт меѓу која и тоа дека го отрул својот колега Антоние Салиери. Сепак, ова е најверојатно невистинито затоа што симптомите не се совпаѓале со труењето. Антоние Салиери длабоко погоден од обвинувањата подоцна доживеал нервен слом.
Вагнер е германски композитор, диригент, кој творел во периодот на романтизмот. Ја напишал најдолгата опера во светот, која трае повеќе од 18 часа. Бил познат антисемитист и омилен композитор на Хитлер. Католиците се венчаваат со музиката на Вагнер и со неговото дело „Свадбениот марш“.
Игор Стравински е руски композитор кој има и своја ѕвезда на холивудската патека на славните. Бил низок и не многу привлечен човек, но успеал во кревет да однесе многу жени меѓу кои и модната икона Коко Шанел. Списанието „Тајм“ го избра за еден од 100-те највлијателни луѓе на минатиот век, заедно токму со Коко Шанел, Опра Винфри, Стивен Спилберг, Арета Френклин, Винстон Черчил…
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.