Зошто самите се претвораме во его манијаци?

0

Колку пати сте се соочиле со проблем во животот само затоа што сопственото его не ви дозволило да ја поднаведнете главата, да премолчите или да признаете дека некој друг е во право? Колку пати сте се соочиле со проблем затоа што нечие его било толку големо што не сакале да попуштат за „милиметар“ во својот став?

Односите меѓу луѓето се чудна работа. Сите сме поинакви, сите имаме свои идеи, визии, желби… Сите размислуваме поинаку. Некои од нас се жалат постојано, на други им е секогаш убаво сè. Трети не ги интересира ништо, а четврти, пак, постојатно создаваат фама околу себе.

Егото е слика што самите ја создаваме за себе. Од таа слика се водиме во животот, иако е честопати погрешна. Се преценуваме, а понекогаш и се потценуваме себеси. На околината ѝ оддаваме впечаток дека сме нешто што всушност и не сме – надмени, попаметни од другите, поспособни од сите… Колку што може да биде добро за нас, толку може да биде лошо. И за нас и за нашата околина.

Најверојатно брзото темпо на живот, новото време нè „тераат“ да се однесуваме така – да си даваме важност на себеси и да тврдиме дека „мора да бидеме битни“, во спротивно ќе останеме незабележани. Си велиме, па и лоша реклама е реклама. Но, не и кога се работи за себе, за личното јас. Се креваме до небо без потреба, газиме по сите да ја постигнеме целта, но забораваме дека можеме и да паднеме.

Егото е деструктивно. Сетете се на луѓето кои се секогаш во право, кои знаат сè, кои се подобри од сите… Размислете дали тие луѓе имаат пријатели или не? Обично, на крајот, завршуваат сами. Не знаат да кажат убав збор, не знаат да се извинат. Ги губат луѓето што некогаш им биле блиски.

А ние луѓето сме сурови, па памтиме сè. Памтиме кога ќе нè повредат, кога ќе нè навредат и секако памтиме кога ќе се обидат да газат по нас за да бидат поуспешни.

Не дозволувајте вашето его да е поголемо од вашата љубезност. Не дозволувајте гордоста да ве тресне на земја толку силно, што нема да знаете што ве снашло. А тогаш… е тогаш можеби и ќе биде доцна.

Ако некој ви е важен, кажете му го тоа. Ако некого сте повредиле – извинете се. Ако згрешите нешто – признајте ја грешката. Не дозволувајте да станете его манијак кој ќе остане сам на светот. Никој не заслужува да биде сам заради својата гордост. Размислете.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот