Зошто вработените доаѓаат болни на работа?

0

Постојат луѓе кои и да кивнат од прашина, нема да дојдат на работа. Но, постојат и вработени кои покрај тоа што се болни, решаваат сепак да се појават на работното место.

Причини има многу за таквото однесување, можеби заради директорот кој постојано им ‘дише во врат’ да ја завршат побрзо работата и кој не разбира дека и тие се само луѓе. За него не постои доволно добро оправдување за отсуство – болеста е минлива состојба и треба да се издржи од нозе.

Иако, кога човек се наоѓа во таква состојба нема многу корист од него на работа. Тој е деконцентриран, што е разбирливо бидејќи телото физички не може да го издржи напорот.

Друга причина заради која вработените доаѓаат болни на работа е нивната опсесија со работа или популарно наречени  – воркохолоци, зависници од работа. Овие луѓе едноставно не можат да се помират со фактот дека болеста им се случила нив и дека нема да можат да си ја завршат работата од вчера, само заради тоа што болеста ги изненадила.

Трета причина може да се колегите и тимот со кој работи. Кога зад себе имате тим на кој можете да се потпрете, тогаш можете да си ‘дозволите’ неколку дена да бидете болни. Ако пак колегите не се луѓе на кои можете да им доверите работа и да знаете дека ќе ја завршат, тогаш многу веројатно дека ќе се појавите на работното место или ќе работите од дома.

Уште еден фактор кој влијае на оваа одлука е притисокот на околината кој ги тера да чувствуваат вина заради тоа што нивните колеги ќе мора да остануваат после работното време и да ги завршат нивните обврски.

Но, лекарите пак од друга страна велат дека никако не треба да се претерува со работата и да се наруши здравјето кое секогаш треба да биде на прво место. Тие велат дека кога се работи за вирусна состојба, во тој случај вработениот ќе предизвика повеќе штета, отколку корист заради фактот што може да го пренесе вирусот на останатите, што пак ќе придонесе повеќе луѓе да отсуствуваат од работа.

Во секој случај, без разлика кој и да е причината поради која денеска решивте да заминете на работа и покрај тоа што сте болни, размислете уште еднаш. Вашето отсуство од работа нема да предизивка толкава штета колку што мислите – напротив откако ќе бидете здрави и подготевни, ќе бидете продуктивни и корисни за работата.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.