Знаете ли што е хроно исхрана?

0

За многумина хроно исхраната е само минлив тренд кој ќе помине за неколку години. За други, пак, ова е исхрана која е подобра од секоја можна строга диета, бидејќи првите резултати се појавуваат за многу кратко време, а остануваат видливи долго потоа.

Почетоците на овој начин на исхрана датираат од 1986 година, а неа ја промовирала д-р Ана Грифин, која на своите пациенти им препорачувала да започнат со таканаречената „рестрикција“, односно да внесуваат храна што ќе го исчисти организмот и ќе му помогне да се приспособи на поинаков, поздрав начин на исхрана. Пред започнување на процесот на рестрикција, треба да се направи тест за интолеранција на храна, односно да се утврди дали постои храна што ја забавува работата на организмот и храна што брзо „се лепи“, односно што ве дебелее.

Хроно исхраната се базира на три важни принципи – најпрво во секој организам треба да се создаде алкална средина, односно обескиселување, бидејќи киселините предизвикуваат хронични воспаленија или дегенеративни болести; оброците треба да се распределат правилно во текот на денот и мора да има три главни оброци кои ќе се распоредат оптимално на 4 до 6 часа, а меѓу нив не треба да се внесува никаква храна; да се одреди таканаречен Глуциден индекс, односно брзината со која одредена храна го зголемува нивото на шеќерот во крвта.

На што треба да се обрне внимание при исхраната?

Храната треба да ја јадете во точно одредено време (се препорачува тоа да биде на околу 5 часа). Притоа, се јаде додека чувствувате глад, односно оброците не треба да ги мерите во грамови ниту според внесените калории. Притоа денот треба да го започнете со чај од билки, никогаш со овошен, или да пиете млака вода со лимон. Дури половина час потоа смеете да појадувате. Петнаесет до триесет минути по појадокот можете да пиете кафе без шеќер и засладувачи.

Појадокот вклучува леб, но лебот треба да го направите самите. Брашното за лебот не смее да е бело, туку ржано, од хељда, јачмен или овес. Во лебот можете да додадете семе од сончоглед, лан, чиа или сусам.

Во самиот појадок можете да вклучите суво месo, печеница, понекогаш дури и сланина. За појадок можете да јадете цели јајца, а ако вклучувате јајца во ручекот или во вечерата, тоа треба да бидат само белки.

Единствено со појадокот можете да јадете млечни производи. Иако се дозволени кисело млеко, фета или младо сирење, понекогаш дури и павлака, јогурт не смеете да консумирате.
Во ручекот можете да вклучите некое помасно месо и да го комбинирате со зелена и црвена салата, а со вечерата можете да јадете и пилешко месо, риба, но само зелен и бел зеленчук.

Важно е да не внесувате течности половина час пред и по појадокот (вода, чај, лимонада), а кафе е дозволено да пиете само два пати дневно, и тоа 15-30 минути по појадокот и по ручекот.

Иако количината на оброкот не се мери, сепак е важно да внимавате на овие работи: не смеете да јадете повеќе од 8 цели јајца неделно; белките можете да ги јадете во неограничени колични; 3 пати неделно се дозволени по 3 лажици семки; не смеете да испиете повеќе од 4 чаши црвено вино неделно (освен црвено вино друг алкохол не е дозволен); млечни производи можат да се конзумираат најмногу до 4 пати неделно, а путер не смее да се внесува повеќе од 20 грама дневно.

Во периодот на рестрикција не смеете да се јадете никакво овошје, освен лимонот; забранети се оцет и маргарин; не треба да комбинирате два протеина, два вида месо, два типа млечни производа или јајца со нешто млечно.

Во овој период се забранети и грашок, пченка, компири, грав, ориз, боранија. Цвеклото, морковот и целерот можете да ги јадете само во свежа состојба.

Како да дојдете до најдобри ефекти?

Фазата на рестрикција е првата фаза од овој начин на исхрана и трае 28 дена.

Доколку постои интолеранција на одредена храна, неа треба да ја исфрлите од организмот и да не ја консумирате во период од 3-6 месеци. Откако ќе направите детоксикација на организмот, односно чистење од тој тип на храна, можете повторно да ја внесувате, но постепено и во помали количини.

При хроно исхраната, најважно е да ги смените навиките и да почнете да се храните здраво.

Овој начин на исхрана има одлични ефекти кај луѓето кои боледуваат од дијабет, луѓето со маснотии во крвта или кои се многу дебели. Важно е што овој начин на исхрана е соодветен за сите возрасти, вклучувајќи ги и децата, бремените жени, луѓе кои имаат проблем со метаболизмот. За сите нив начинот на исхрана се происпособува според возраста, нетолерантноста на одредена храна и болестите што ги имаат.

И запомнете – хроно исхраната е одлична, може да ви го смени буквално целиот начин на живот. Но не ја почнувајте на своја рака и без консултација со експерт од оваа област.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот