Жените не се создадени за ”секс за една вечер”

0

Живееме во 21 век, време кога сите експериментираат без страв дека ќе бидат осудени. Сѐ повеќе девојки и жени се одлучуваат на секс без обврска, како да немаат што да вложат во вистински емоционални односи. Или не сакаат.

Дел од нив се навистина среќни со тој избор. Не сакаат да бидат обврзани и ограничени на еден партнер, сакаат да менуваат. Сето тоа е во ред, доколку го прават од вистински причини. Ако се чувствуваат пријатно со својот избор. Тогаш навистина никој нема право да ги осудува.

Другиот дел од тие девојки/жени се оние кои не се ни трудат да се поврзат со некоја личност, да воспостават подлабок контакт и да изградат врска која нема да е базирана само на сексуален однос, а всушност се што посакуваат е мазење на каучот, слатки зборови и возвратени чувства.

Упорно посакуваат, бараат, чекаат. Очекуваат дека ноќта кога ќе запознаат некој и му се разголат, утредента тој ќе биде заљубен до уши, ќе им се јави на телефон и така ќе започне нивната врска.

Токму тие девојки/жени имаат погрешна дефиниција за ”разголување”. Начин да се доближиш до некој, да воспоставиш нешто подлабоко од еднократка авантура, не е да си го разголиш телото, туку душата.

Да си ги кажеш своите планови за иднина, амбиции, најдлабоки желби и стравови. Да споделиш спомен, да предизвикаш насмевка. Но, тоа не е разголување од една ноќ. Напротив, тоа е процес. Долг, но прекрасен и единствен. Процес што не се форсира и за да биде успешен, мора да е искрен и започнат од вистински причини.

Не е погрешно ако уште на првиот состанок работите се вжештат и ноќта се заврши во растурена постела. Тоа е спонтан момент, кога не можеш да се воздржиш ако хемијата е на вистинско ниво. Погрешно е ако се очекува градење на љубовна врска врз основа на секс. Мажите со секс се добиваат, но не се задржуваат.

Подарете дел од себе, споделувајте и само така ќе примите нешто повеќе од разголено тело. Задржете го достоинството, затоа што жените пред сѐ, не се создадени за да го поклонат своето тело и да добијат само неостварени соништа и желби. Тие не се создадени за ”секс за една вечер”.

Маја Здравеска | Hybread.mk

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.