„Зборува Скопје“ – манифестација за одбележување на 55 години од земјотресот

0

Со дваесетина културни настани на неколку локации, Град Скопје ќе ја одбележи 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Програмата насловена „Зборува Скопје“ во четири дена ќе ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата.

Манифестцијата ќе почне в понеделник, 23 јули, кога од 20 часот на источната страна на Музејот на Град Скопје ќе бидат откриени вратените букви од пораката на Јосип Броз Тито.

– Пораката која долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес, и беше препознатлив нераскинлив дел од Музејот и градското јадро, повторно ќе се врати на своето место. Овој настан симболично наречен „Солидарноста се враќа дома“ ќе биде проследен со активности во Музејот на град Скопје – соопшти Град Скопје.

Настаните во рамки на манифестацијата во четирите дена ќе се одржуваат во Музејот на град Скопје, Графити галеријата во ГТЦ, Културно-информативниот центар, Музејот на современата уметност, платото пред Младинскиот културен центар.

– „Тивка реконструкција на земјотресот“, перформанс на Билјана Радиноска, и „Сонува Скопје“, краткометражен филмски колаж на Дина Дума, се дела на нашите млади уметници што ќе бидат дел од централниот настан на 25 јули што ќе се одржи во Графити галеријата на ГТЦ, Потоа ќе следува концертот „Разговор со смисла“ на Mammoth & Yashem, настап во живо на Тодор Караколев и затворен џем сешн со музичари од новата скопска сцена. Освен визулено изненадување за посетителите, со овие настани сакаме да ја потенцираме и архитектонската важност на ГТЦ за градот Скопје и да го вратиме урбаниот дух во централното градско подрачје – наведува Град Скопје.

Организацијата на жените на Град Скопје ќе ja одбележи 55-годишнината со поетско читање, а на 26 јули со почеток во 5:17 часот, времето кога се случил земјотресот, граѓаните ќе бидат потсетени на трагичниот настан со аудиоакција на пет различни локации низ градот, во организација на Група урбани уметнички акции и Центар за современи уметности.

Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција, а организациски одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање акцијаши на територијата на општина Гази Баба ќе организираат работни акции во периодот од 23-ти до 28 јули, како и богата едукативна културна програма во акцијашкиот камп во студентскиот дом „Стив Наумов“.

– „Зборува Скопје“ ги повикува граѓаните заедно да ги проследиме настаните, да се потсетиме на трагедијата која го разори нашиот град, и да упатиме порака дека не сме ја заборавиле поддршката што пред 55 години ја добивме од целиот свет и дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина – истакнува Град Скопје во најавата на програмата.

Извор: МИА