Заграб во изобилието – Јовица Тасевски-Етернијан

0

Во стемничениот и загушлив предел,
во мрестилиштето на злости,
во престолнината на застоеноста

Сите патеки исчезнаа
под напластените лисја што полека гнијат
измешани со кал

Сводот го освоија сиви облаци,
како грамадни сеништа се наднесоа над градот
и залегнаа над хоризонтот со месеци и месеци

Сè беше поклопено од невидлива тежина,
воздухот го запоседна
неподнослива реа

А кога се чинеше дека безнадежноста
вечно ќе ни ги толчи главите
со својот оловен жезол

Силен свеж ветер
ја раскина сивата покривка на небото,
ги разнесе купиштата гнили лисја

И се појавија одново патеките,
па со крупни чекори се зададовме напред
исполнети со восторг

Подземните канџи
што се подадоа кон нас
не успеаја да нè сопрат

Во спокојниот кат
со широк заграб
уживаме во изобилието

Извор: www.mkd.mk

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.