“Зачекорете заедно со децата во светот на фантазијата“ – Дефектолог Татјана Багеска, “Во Мојот Свет“

0

Татјана Багеска работи како дефектолог во Центарот за сензорна терапија „Во Мојот Свет“ која е за лица со аутистичен спектар на нарушувања. Центарот постои 2 години, а за толку кратко време имаат многу позитивни резултати. Со неа разговараме за значењето на книгата во модерното живеење.

Децата сакаат шарени сликовници, возбудливи романи, ликови со кои можат да се поистоветуваат. Родителот е тој кој треба да го поттикне детето да ги запознае и засака книгите, да ужива во авантурите и убавите содржини во нив.

За разлика од времето на почетоците на писменоста, кога книгата се сметала за извор на знаење и мудрост, денес забрзаниот развој на технологијата и модерниот стил на живеење успеа да украде голем дел од тоа влијание. Сепак, современите литерарни хедонисти ќе се сложат со тоа дека ”книгата не е храна но е деликатес”.

H: Поради што во забрзаната ера на технолошки напредок е многу важно да се чита и од која доба тоа можеме да го правиме? Како кај децата да ја развиеме љубовта кон книгите и да одбереме литература примерна за потребите на детето?

Читањето влијае на изградба на нашето ЈАС и можеме да кажеме дека со читањето стануваме свесни, односно својата индивидуалност ја градиме свесно. Читањето подразбира висок степен на мисловни активности и свесниот избор на содржини ни овозможува слободоумен развој и обликување на уникатноста во идентитетот.

Исто така читањето книги помага во разбирањето на другите и различностите, развива емпатија, емотивна интелигенција, како и подобро себеразбирање. Книгите умеат на еден прекрасен начин да не стават во “туѓи кондури” и ни отвараат прозорци со нови погледи од перспективи на други култури, времиња, други луѓе, полови, верски, етички разлики и други различности. Нè учат уште од мала возраст на еден сосема поинаков однос, без предрасуди и ако добро ги погледнете децата ќе видите дека само тие ги немаат во себе, се додека возрасните не ги измоделираат и им наметнат нивни ставови и размислувања. Јас како дефектолог можам слободно да кажам дека ниту едно дете кое е со нормален типичен развој, нема да има било какви предрасуди кон дете со атипичен развој доколку тоа не му е пренесено. Ова го кажувам бидјќи децата не знаат да судат, тоа е особина на возрасните. Тука ќе ја спомнам една од моите омилени книги за деца и возрасни “Малиот Принц” и не случајно би сакала да го цитирам: “Децата треба многу да им простуваат на возрасните” и да нагласам колку е значајна домашната едукација и моќта на книгите, бидејќи во ниту една книга за деца нема да сретнете агресија која за разлика од интернетот е многу присутна. Мене ми е навистина жал што кај најмладите многу подостапен е тој одколку книгите. Книгите нè учат да сочувствуваме со оние кои немаат никакви сличности со нас, да рушиме ѕидови и да правиме сопствени креации. Со читањето го поттикнуваме мислењето кај децата, ја богатиме нивната фантазија, го стимулираме говорот, ја вежбаме концентрацијата.

H:Кога треба да се почне со читање на книги?

Јас би рекла уште од првиот ден на животот на детето. Создадете една здрава зависност која соодветна дури и за новороденчињата. Ако детето не зборува се уште не значи дека Вие не треба да му читате. Ако е така тогаш не треба ниту да му зборувате бидејќи нема говор.Секако дека е најважна социо-емоционалната врска помеѓу детето и родителот, но постојат и други чинители како на пример музика или лингвистички кои делуваат на развојот на мозокот поттикнувајќи го умрежувањето на неуроните и создавањето на синапси.Значи дека со читањето влијаеме на развојот на интелегенцијата кај детето.

Родителите се тие кои треба да ги засадат тие позитивни навики и вредности, бидејќи тие не се наследуваат туку се учат, а родителот е најважниот модел на детето.Читањето треба да биде присутно во семејните вредности. Ако родителот чита и детето ќе развие љубов кон книгата. Позитивни фактори на раното читање: развиваат вештина на слушање и ја јакнат концентрацијата, создва способност за воочување на делови од целина,развој на говорот,збогатување на речникот, слободно изразување, јакнење на самодовербата, подобро помнење и носење на заклучоци, подобра способност за фантазија. Сите овие способности се многу важни за севкупниот развој на личноста. Сето она што е пропуштено во развој на оралните и фонолошки способности кај децата во предшколската доба може да има последици.

H:Но што ако детето не покажува интерес за читање?

Пред се важно е да се увиди зошто детето не сака да чита. Можеби не е научено или не ја доживеало убавината на книгата на тој начин, не сите ние ги доживуваме нештата на исти начин.Некои учат на искуства, на социјални контакти, работа со раце и тоа е сосема во ред. Секако дека не треба да се настојува но може да се обиде преку нови заеднички ритуали со елементи на игра родителот на суптилен начин да го наметне и да биде забавно за сите. Иако често за негативен однос према читањето може да биде причина и нескладноста на соджината за возраста на детето. Исто така многу е важно должината на читање да се прилагоди на можностите и интересите на детето. Толкувањето на непознати зборови или објаснување (раскажување) на прочитаното е неопходно бидејќи децата на тој начин го шират вокабуларот, но исто така детето треба да се охрабри некои објаснувања да ги даде и само. Секако родителот тоа го поттикнува со прашања, но важно е на детето да не се сервисира готово објаснување и мислење. Нормално дека сето ова зависи од возраста на детето. Некои психолози велат дека на бебиња од 6м. возраст можеме да читаме и подолги текстови бидејќи на тој начин ја поттикнуваме интелигенцијата. Но од 6-12м. се препорачуваат поимовни сликвници изработени од различни материјали каде детето со нив учи поими, разни тактилни и визуелни сликовници кои ја стимулираат сензорната интеграција. Сликовниците со кратки приказни се интересни за децата на возраст после првата година, бидејќи тогаш полека почнуваат да разбираат. Звучните сликовници посебно им се интересни на возраст од 2-3г.

Јас ги препорачувам сите квалитетно изработени илустрирани книги, книги кои влијаат на усвојување на позитивните човечки навики како што се :учење на добро однесување, почитувње, бон – тон манири уште од мали нозе, рамноправност во различностите, грижа за околината, учење на искреност. Тоа е здрав начин на комуницирање. Со читање не може никогаш да се предозирате, а ниту една нус појава не е негативна!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.