За сите љубители на добар трилер: Книги кои ќе го растреперат вашето срце

0

Кога температурите се намалуваат и ние се поретко ја напуштаме топлината на домот, се што ни е потребно е топол пијалак  и одлична приказна.

За сите љубители на книги, кои сакаат да се задлабочат во испреплетената мрежа на непредвидливи случувања, ви ги предложуваме овие три дела чија содржина нема да ве остави рамнодушни:
ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ
Сите познаваат по некој пар како Џек и Грејс. Тој е згоден и богат, таа е убава, шармантна и елегантна. Можеби не сакаш да ти се допаѓаат, но ти се допаѓаат. Можеби сакаш да ги запознаеш подобро и како индивидуални личности, но тешко е затоа што Џек и Грејс никогаш не се двојат.

Некој можеби ќе го нарече тоа вистинска љубов. Друг можеби ќе праша зошто Грејс никогаш не крева на телефон. Или зошто никогаш не може да излезе на кафе или на ручек, иако не работи. Како може да готви толку прекрасни јадења, а сепак да е толку слаба. И зошто има решетки на прозорецот во една од спалните соби?

Понекогаш, совршениот брак е совршена лага.

 

ИСЧЕЗНАТА БЕЗ ТРАГА
Половина горчлива драма, половина неизвесен трилер, Ени ја раскажува својата приказна низ сесии со нејзиниот психијатар.

Една година помината во напуштена планинска колиба, една година киднапирана, тепана, изолирана, силувана, малтретирана и брутализирана.

И потоа, по нејзиното конечно ослободување, таа почнува да бара одговори на прашањето: Зошто? Но некои прашања е подобро да останат неодговорени…

Исчезната без трага е реткост помеѓу трилерите: искрена, директна, шокантна, брутална книга преведена на 25 јазици…

 

УБАВИ ДЕВОЈКИ
Сестри. Претворени во странци. Борци.
Пред повеќе од дваесет години, сестрата на Клер и Лидија, тогаш тинејџерка, исчезнува без трага. Двете жени си немаат прозборено оттогаш и сега нивните животи не може да се поразлични. Клер е сакана жена на милионер. Лидија е самохрана мајка која едвај крпи крај со крај. Но ни едната ни другата си немаат дојдено на себе од трагедијата што им ги има уништено животите. И горката рана повторно се отвора кога сопругот на Клер трагично загинува.

Исчезнување на тинејџерка пред дваесет години и убиство на средовечен маж сега по четврт век – што би можело да ги поврзува? Обединувајќи се претпазливо, двете преживеани сестри почнуваат да копаат низ минатото со цел да ја откријат вистината и откопуваат тајни што го имаат уништено нивното семејство, но воедно и неочекувана шанса за ладна одмазда.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот