За доброто на детето: развод или заробени во лош брак?

0

Порано разводот значеше грев – нешто незамисливо, без разлика на причината.
Брачните парови остануваа заедно за доброто на детето, секојдневно умирајќи во сопствениот кошмар. „Додека смртта не нè раздели“ се почитуваше по секоја цена.

Времињата се менуваат, а денес разводите се сè почеста појава. Сепак, неретко се случува некои парови да останат заробени во несреќен брак, со добро познатиот изговор: „За доброто на детето“, не знаејќи дека со таа одлука тие всушност им наштетуваат на децата.

Во тој случај детето е принудено да сведочи на негативната енергија, да ја толерира емоционалната напнатост и да го носи товарот на нарушената врска на своите родители.

Децата се многу интуитивни и го чувствуваат страдањето на возрасните, како и недостатокот на интимност помеѓу родителите. Всушност, понекогаш децата самите се обвинуваат, се чувствуваат виновни за тоа што родителите не се среќни.

Останувањето во несреќен брак ќе им наштети на децата на повеќе начини во текот на животот, меѓу кои:

1. Хронична тензија
Односот на нашите родители остава емоционален отпечаток врз нас, кој никогаш не исчезнува. Природниот дел од развојот на децата ги интернализира и нивните родители. Кога родителите постојано се расправаат, нивните деца ги интернализираат тие конфликти. Наместо да се чувствуваат смирени или утешени кога се со двата родители, тие се чувствуваат напнато. Ваквите тековни тензии можат да предизвикаат сериозни емоционални, социјални и физички заболувања кај децата, како што се депресија, безнадежност или хроничен замор.

2. Нестабилно чувство за себе
Војната меѓу родителите (дури и онаа што не е проследена со гласно викање и расправање) се вкоренува во детските умови. Тие деца со текот на времето ќе се претворат во личности кои сакаат да бидат сакани, но ќе ја отфрлат блискоста. Ќе копнеат за пријатели, но ќе ја изберат изолацијата. Ќе имаат големи интелектуални или креативни способности, но сепак ќе ги саботираат сопствените напори.
Конфликтот меѓу родителите на крајот станува внатрешна битка со себеси која го комплицира животот и го попречува здравиот емотивен развој.

3. Страв од интимност
Децата израснати во брак без љубов имаат големи тешкотии да им се приближат на другите. Интимноста ги поттикнува траумите што ги претрпеле кога биле сведоци на дисфункцијата на нивните родители, па затоа избегнуваат блискост за да не се повредат. Ако успеат да воспостават близок однос, тие остануваат претпазливи и се заштитуваат. Кога ќе се појави конфликт, тие најверојатно ќе избегаат или ќе ги обноват конфликтите на своите родители со нивниот сопствен партнер.

4. Проблеми со расположението
Несреќните брачни сопружници создаваат деца кои се борат со сериозни проблеми со расположението, како што е дистимијата. Овие проблеми, доколку не се лекуваат, може да предизвикаат нарушување на личноста или злоупотребата на супстанции. Во коренот на овие проблеми е длабокиот недостаток на надеж. Тие учат на рана возраст да го напуштат оптимизмот и да го очекуваат најлошото. За жал, лошите бракови предизвикуваат децата да созреат премногу брзо и да го изгубат своето детство.

Покрај тоа што брачниот завет вели „Додека смртта не нè раздели“, многу луѓе го забораваат она „Во добро и во зло“. Разводот е последната станица, па затоа не го напуштајте возот пред да се обидете да го решите проблемот, доколку е возможно.

Обидете се со:
Брачно советување: Најдобро функционира кога ги учи родителите како да се изборат со нивните конфликти, без притоа да се препуштат на емоционалната војна. Брачното советување им дава на родителите можност да работат на нивните разлики, наместо да ги изложуваат своите деца на нив. Целта на терапијата е да се збогати комуникацијата и да се зголеми интимноста.

Индивидуална терапија: Ништо не поттикнува нерешени прашања од детството како бракот. Премногу често двојките имаат нереални очекувања за бракот и се разочаруваат кога ќе откријат дека не е се така розово. Пред да го обвините вашиот партнер за сите проблеми во вашиот брак, почнете да копате во себе.

Прочитајте повеќе: Што доколку детето е сведок на расправии помеѓу брачните партнери?

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.