Врзувајте безбедносни појаси за сигурно возење

0

Колку и да е брз и стабилен автомобилот во кој се возите, секој производител или продавач на автомобили ќе ви го каже следново – не тргнувајте без да го врзете безбедносниот појас, заради ваша лична заштита.

Ова се однесува и на патниците на задните седишта ако автомобилот има безбедносни појаси таму, а веќе неколку години наназад скоро и да нема автомобил без појас и таму.

Безбедносниот појас се мести правилно дури откога ќе седнете убаво на седиштето – убаво потпрени до наслонот, со нозете спуштени на подот пред вас. Појасот мора да ви проаѓа преку рамото, измеѓу раката и да ви го „фиксира“ делот околу долниот дел на стомакот. Тој мора да проаѓа преку коската, бидејќи на тој начин, при судир на возилото со друго возило или при удар во нешто, телото ќе ви остане постабилно. Доколку го наместите несоодветно, веројатноста да има последици при судирот е поголема.

Важно е да знаете дека кога го врзувате појасот, не треба да носите клучеви, мобилен телефон или некои тешки и тврди предмети во џебовите, бидејќи, ако се случи судир, безбедносниот појас ќе ги притисне и нив до телото, а тоа може да предизвика дополнителна повреда.

Експертите препорачуваат во зимскиот период безбедносниот појас да не се врзува преку јакна со пердуви, бидејќи таа претставува „воздушен џеб“ во случај на судир и го намалува ефектот на појасот.

Истовремено, исклучително е важно и бремените жени постојано да се возат врзани со безбедносен појас, но тој да се постави што е можно пониско за да не се создава притисок на стомакот.

Запомнете, при судир возилото запира скоро во истиот миг, се „закопува“ во место. Луѓето кои не се врзани, под дејство на ударот можат да „летнат“ напред или низ шофершајбната. Затоа, мислете на себе. Мислете на ние околу вас и никогаш не го стартувајте моторот на возилото ако не ви се врзани безбедносните појаси.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот