Време е да не зборуваме за времето

0

Не ја разбирам потребата да се зборува за времето постојано. Од социјален аспект, тоа е дозволено кога сте со непознати или луѓе кои малку ги познавате, а ви недостигаат теми за разговор. Во тој случај културно е да се направи муабет за времето, но во лимитирана верзија. Не од тоа да направите говорен споменар кој нема да знаете како да го завршите.

Доаѓате на работа, ги слушате колегите како на големо зборуваат за времето. А притоа сите тие се постојано на социјалните мрежи и имаат пристап до интернет каде има мал милион информации за кои може да се разговара со утринското кафе и да се развива мислата.

Излегувате од работа, се возите во такси за да стигнете на некој состанок, повторно истиот муабет. Иако, тука до некоја мера е дозволено се додека човекот кој ве вози не почне да кажува за летото кога бил на одмор со сопругата и двете деца во Грција, и дека смрзнал до коска оти не им се погодило времето, па како се бањал со долги гаќи и слични интимни моменти кои не треба да ме интересираат.

Како само кај нас нема теми за разговор, покрај временските? Исчезнаа некаде или сме толку мрзливи што не сакаме да се заморуваме понатаму од работното биро.

И се јавуваш на другарка ти и ти вика “Не сум расположена заради времето”.

Од кога времето стана одредница за добро или лошо расположение?

Коа бевме мали времето единствено се спомнуваше ако ни ја уништетше играта, па моравме да се вратиме дома. А понекогаш дури ни тоа не не спречуваше. Пораснавме и станавме досадни.

Време е да не зборуваме за времето, туку за случките од животот нели?

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот