Воздух – книга во издание на ПАБЛИШЕР како дел од проектот Калеидоскоп

0

Времето престанува да тече кога Грета и Анселмо случајно ќе се сретнат на римските улици и ќе си погледнат во очи – нејзините пркосно лути, неговите благо насмеани. Но Анселмо не е обично момче. Тој умее да ги чита пораките од небото. Има дарба да го слуша шепотот на ветрот, да разговара со воздухот…

Тој наоѓа изгубени писма, предмети, пораки… и им ги доставува на вистинските приматели, соединувајќи ги на тој начин распараните нишки на судбината.

Анселмо не само што го менува животот на Грета, туку може да создава и чуда. Всушност, може сè додека не си признае дека е вљубен во тоа необично девојче на велосипед. Кога љубовта ќе ги огрее двете млади срца, тој веќе не може во облакот да ги види знаците на судбината. Што ќе избере – љубовта или небото?

Миријам Дубини е родена во 1977 година, во Милано, каде што дипломирала семиотика со дипломска работа на тема раскажување бајки. Со години соработувала со „Дизни“, „Мател“ и „Едициони БД“, како и со списанието „Арт атак“, за кое осмислувала игри од рециклирани материјали, а потоа решила да стане дел од еден циркус. Додека живеела во Лондон, ја напишала својата прва фантастична сага посветена на една од најзбрканите вештерки во историјата: Лејла Блу, од која ја зајмила летачката метла и одлетала за Рим. Вечниот град ѝ послужил како инспирација за да напише филм за деца, неколку книги за најмладите, како и трилогијата за млади Воздух, посветена на нејзината најголема страст: велосипедот.

Книгата е издание на ПАБЛИШЕР како дел од проектот Калеидоскоп поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија. Преводот од италијански јазик го изработи Калина Јанева.