Во чест на Светскиот ден на поезијата, пренесуваме дел од песните на Никола Маџиров

0

Во 1999 година, УНЕСКО го означи 21 март како Светски ден на поезијата, која на уникатен начин помага во изразување на креативниот дух на секој човек.

Целта е да се акцентира и да се одржи различноста во јазичните изразувања, да не постојат бариери, да се промоцира учењето на поезијата и да се вратат луѓето кој усното експресивно изразување.

Денеска, на овој ден, Ви пренесуваме дел од поезијата на нашиот поет Никола Маџиров, кој ниже успеси на светско ниво.

Во прегратката зад аголот ќе препознаеш дека некој некаде оди.

Секогаш е така. Живеам меѓу две вистини како неонка што се колеба во празен ходник.

Моето срце собира сè повеќе луѓе, зашто нив веќе ги нема.

Така е секогаш.

Четвртина од будноста ја трошиме во трепкање.

Нештата ги забораваме уште пред да ги изгубиме – тетратката по краснопис, на пример.

Ништо не е ново. Седиштето во автобусот е секогаш топло.

Последните зборови се пренесуваат како накосени кофи во вообичаен летен пожар. Утре пак ќе се повтори истото – лицето пред да исчезне од фотографијата првин ќе ги изгуби брчките.

Кога некој заминува сè што е создадено се враќа.

***************

„По нас“

Еден ден некој ќе ги здипли нашите ќебиња
и ќе ги прати на хемиско чистење
од нив да го истрие последното зрнце сол,
ќе ги отвори нашите писма и ќе ги реди по датуми
наместо по исчитаност.

Еден ден некој ќе го размести мебелот во собата
како шаховски фигури на почеток од нова игра,
ќе ја отвори старата кутија за чевли
во која ги чуваме паднатите копчиња од пижамите,
недотрошените батерии и гладта.

Еден ден ќе ни се врати болката во ‘рбетот
од тежината на хотелските клучеви и
сомнежот со кој рецепционерот ни го подава
далечинскиот управувач.

Туѓите сожалувања ќе тргнат по нас
како месечина по заталкано дете.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.