„Вистинскиот кошмар не беше насилството, туку моментот кога почнав да верувам во неговите зборови дека сама сум виновна.“ -анонимно писмо

0

Денес е почеток на Кампања “16 дена активизам против насилство врз жените и девојчињата“, која има за цел подигнување на јавната свест поврзанa со овој социјален феномен и да ги охрабри сите кои се чувствуваат загрозено, да побараат помош. Глобалната кампања се организира секоја година од 25 ноември до 10 декември.

 

Да ставиме точка на насилството врз жените и девојчињата!
Да го обоиме светот во портокалово! 

Да го обоиме светот во портокалово!


Во прилог, прочитајте го писмото од анонимна авторка, која ја раскажува својата животна приказна. Жена која после долги години конечно се одбрала себе си…

Бев во насилен брак цели 20 години. На почетокот од бракот, во првата половина од првата година немаше никаков знак за потенцијално насилство или злоупотребување. Но, потоа… работите започнаа едноставно да се случуваат.

На почетокот, тоа изгледаше вака: патувавме во авион и во текот на целото патување не ми беше дозволено да одам во тоалет. Оттаму започна се…

Сметам дека насилството и злоупотребата се форма на контрола. Да, тој сакаше да контролира, сакаше да ми покаже мене и на нашите деца дека тој е моќ во куќата. Затоа не ги криеше пред нив своите насилни епизоди, често имаше изливи во нивно присуство. Долго време вистински верував дека е подобро да останам, за нивно добро, не знаејќи во тоа време дека за децата кои се сведоци на злоупотребата тоа е како да ја доживуваат на своја кожа.

Кога сте со некој долго заедно, во заедница, го губите својот идентитет. Верувате во лагите што ви ги кажуваат, а не во сопствената способност да живеете достоен, независен живот.

Не гледате смисла во слободата и во просек, на жената и се потребни бар седум пати за да напушти мажот засекогаш, а јас во целиот тој процес, ја изгубив поддршката од семејството и пријателите.

Емоционалното малтретирање и злоупотребувањето стана уште поинтензивно со текот на времето и потоа на ред дојде физичкото. Тој го постигна токму тоа што го посакуваше. Постепено ме изолира од сите, доволно долго не оставаше физички траги по моето тело, но потоа кога ја изгубив поддршката од најблиските бидејќи не ми веруваа и не разбираа зошто не сум заминала ако навистина е така, тогаш започна мојот вистински кошмар.

Вистинскиот кошмар не беше самото насилство, туку моментот кога почнав да верувам во неговите зборови. Дека самата сум виновна и дека јас го заслужувам тоа. Се срамев, па затоа молчев и трпев. Но, моето тело ме издаваше иако силно се трудев да го сокријам фактот дека јас од ден на ден се повеќе тонам.

Во моето тело се насобра доволно стрес, што покрај модринките добив и други физички симптоми. Страдав од прекумерно крварење и хроничен замор.

Мојата тогашна колешка го забележа сето тоа, бидејќи и самата претходно поминала низ истото. Се обидуваше да ми понуди поддршка, но ми беше навистина тешко да се отворам дури и со луѓе кои се идентификуваат со мене, со моите страдања и чувства.
Па јас не ја прифатив нејзината рака. Се обидов сама да најдам начин за решавање на проблемот. Но, верувајте ми, никогаш нема да можете сами да го сторите тоа.

Кога стресот комплетно ме собори на дното, го напуштив моето работно место.

Мислам дека она што ми даде сила да одлучам дека конечно е крај и треба да го оставам засекогаш е моментот кога вистински почувствував дека мојот живот е загрозен.

Ако луѓето погледнеа доволно блиску , можеа да видат се, бидејќи без оглед на тоа колку се трудев да ги сокријам модринките, знаците на злоупотреба беа јасно видливи.

Но, не се сметам себе си за жртва. Не се самосожалувам. Тој за едно нешто навистина имаше право – јас го заслужив тоа само бидејќи не си заминав уште после првиот пат. На некој начин свесно дозволив да продолжи. Бидејќи се надевав дека нешто ќе се промени. Дека ќе разбере дека тоа е едноставно погрешно.

Сепак, кога го напуштив првиот пат (моите обиди беа многубројни), тој навистина се однесуваше како да разбира, како да се кае и чувствува лошо. Се извини, покажа нежност и оттогаш постојано ја сервираше истата манипулација, толку бесрамно.

Во моментите кога тоа однесување немаше да резултира со успех, ме обвинуваше. Сум ја погодила неговата Ахилова пета, сум го испровоцирала. Јас се чувствував лошо и упорно верував во неговите обвинувања.

Знам дека не сум единствена. Наречете ме наивна, можеби и сум била. Но, немојте да кажете ништо доколку не сте го почувствувале тоа на својата кожа. Оние моменти кога се сомневате во сопствениот разум. Кога мислите дека навистина нешто не е во ред со вас.

Сeкогаш кога во сред ноќ ме бркаше од дома, заедно со моите деца, а јас до зори се прашував што ли направив погрешно? Со што го навредив овој пат?

Одговорот го добив дури сега: Ништо.

Го преживеав ова, само бидејќи кажав КРАЈ. Работите нема да се променат. Колку и да е тажно, колку и да боли и да е тешко, тоа е вистината.

Ве молам, немојте да трпите подолго од она што сте трпеле до сега. Побарајте помош, не молчете. Побарајте помош во институции кои се должни да ви помогнат, кои ќе се погрижат да бидете безбедни.

Чувството на слобода, после таков вид на затвор е незаменливо, единствено. Немојте свесно да си го кратите себе си. Доживејте го тоа чувство на слобода и запомнете…
ВИЕ ВРЕДИТЕ И ЗАСЛУЖУВАТЕ ПОВЕЌЕ.

 

Вклучи се во кампањата за помош на жртвите на насилство!

Пријавете на 02/311 78 66 или на
веб страната за кампањата против семејно насилство

Прочитајте повеќе: На жената не и е судено мажот да ја претепа на мртво, да ја гази и психички да ја уништува

 

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.