Вирус наспроти бактерии: Кога е потребен антибиотик?

0

Koга е детето болно, единствена работа која ви е на ум е што побрзо да оздрави. Понекогаш на детето му е потребен антибиотик за да се тргнат симптомите и причините за воспалението на грлото, болките во стомакот и настинките.

Но, како што антибиотиците понекогаш можат да помогнат во процесот на оздравување, така понекогаш можат да направат поголема штета.

Антибиотиците се ефикасни само кај бактериските инфекции. Тие нема да помогнат во оздравувањето од вирусна инфекција, која е многу честа кај децата. Бактериските инфекции кои треба да се лекуваат со антибиотици се најчесто воспаление на увото и синусите или силно воспаление на грлото. Вирусните инфекции кои не треба да се третираат со антибиотици се настинка, бронхитис во многу случаи и 99% болести кои се проследени со повраќање и дијареа.

Aнтибиотиците можат да спречат сериозни компликации кај бактериските инфекции, па дури и да спасат живот. Но, според мислењето на многу доктори, непотребната употреба на антибиотици е значаен фактор во создавање на бактерии кои се имуни на антибиотици. Дури и новите антибиотици кои неодамна се произведија нема да имаат ефект кај опасните бактериски инфекции, што е резултат на прекумерено и непотребно консумирање на антибиотици. Од овие причини, не би требало на болно дете автоматски да му се препише антибиотик.

Ако вашето дете има бактериска инфекција и му е препишан антибиотик, важно е да ги знаете следните нешта:

-Секогаш почитувајте ги дозите кои докторот ги препишал и почитувајте ја терапијата до крај. Доколку не се почитува тоа постои можност бактеријата повторно да се појави.

-Не чувајте антибиотици за идна употреба. Немојте да ги делите со други. Внесувањето на делумични дози од антибиотикот може да предизвика останатите бактерии во организмот да развијат отпор на антибиотикот.

-Ако за време на терапијата, кај детето се појават стомачни тегоби (повраќање,дијареа) веднаш разговарајте со доктор. Ако за време на терапијата се појави осип, исто така потребна е лекарска интервенција за да се увиди дали е детето алергично на одредени лекови. Ако е така, немојте да заборавите тоа да го нагласувате при секое следно посетување на доктор.

Запамтете дека дури и ако на детето не му е препишан антибиотик, се уште постојат многу нешта кои можете да ги направите за да се чувствува подобро. Потрудете се воздухот каде вашето дете се наоѓа да е доволно влажен. Дајте му на детето доволно течности за да не дехидрира, што е многу важно при секое заболување. Осигурете се дека детето доволно се одмара, подигнете му ја главата во повисока положба додека спие.


Вирусните и бактериските инфекции се шират на ист начин, преку:
-Ќивање/кашлање
-Ракување
-Допирање храна со валкани раце
-Контакт со телесни течности преку крв

Навистина нема начин да спречите детето дојде во контакт со бактерии, но постојат чекори кои можете да ги направите за да се спречи нивното ширење. Охрабрете го детето да ги мие рацете пред и после оброкот и играњето. Ако е детето болно, нека не посетува градинка, училиште, продавници и други јавни места.

Која е разликата меѓу вирус и бактерија?

Вирусите не се живи и потребни им се живи станици како би растеле. Имунолошкиот систем на телото само се бори против вирусите, а за тоа е потребно одредено време. Вирусните инфекции обично се проследени со повеќе симптоми, како болки во грлото, течење на носот, кашлање, повраќање и дијареа.

Бактериите се живи организми и можат да се наоѓаат насекаде. Постојат случаи кога имунолошкиот систем на телото не може сам да се избори против бактериите. Во тој случај потребни се антибиотици кои ја уништуваат бактеријата, сопирајќи го нивното растење. Бактериските инфекции често се проследени со болки во одредени делови на телото и општа малаксаност.
Со темелен преглед, докторот ќе утврди за каква инфекција се работи.

Извор: roditeljstvo.com

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.