Вилијамс прв го претстави болидот за новата Ф1 сезона (видео)

0

Тимот на Вилијамс е првиот што го претстави новиот болид за сезоната 2017 во Ф1. Автомобилот Williams FW40 ја доби оваа ознака за да ја одбележи 40-годишнината од влегувањето на британскиот тим во Ф1.

И овој пат болидот ќе вози со мотор на Мерцедес, а пилоти ќе бидат Фелипе Маса и дебитантот Ленс Строу, кој во 2016 ја освои титулата во европската Formula 3. Интересно е што Маса се повлече на крајот на сезоната, но сепак се врати назад поради заминувањето на Валтери Ботас.

Вилијамс забрзано ќе почне да го тестира новиот болид, бидејќи во досегашните тестови за гумите за новата сезона, тие користеа модифициран болид од 2015 година, но со многу нови аеродинамични делови.

На прв поглед нема големи промени во аеродинамиката и дизајнот – кај FW40 носот е речиси ист како и кај сите автомобили на Вилијамс од 2014 година па наваму, но задното крило има променета форма и потсетува на она што Ферари го користи за да ги тестира пневматиците на Пирели.

Новиот автомобил е само рана верзија на автомобилот што тимот ќе го користи во сезоната 2017, а првите предсезонски тестови се закажани на крајот на овој месец, кога сериозно ќе почне развојот на FW40.

Пред почетокот на сезоната и пред да го видите болидот на Ф1 патеките ширум светот, можете да го погледнете промотивното видео коешто го претставија од Вилијамс.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот