„Вики Кристина Барселона“ – филм за реприза

0

„Вики Кристина Барселона“ е филм кој беше објавен во 2008 година, под режисерската палка на Вуди Ален. Во тој период, актерката Скарлет Јохансон е неговата нова муза. покрај неа, се појавуваат и актерите Ребека Хол, Хавиер Бaрдем и Пенелопе Круз.

Ова нека биде препорака за добар и квалитетен филм кој сте пропуштиле да го изгледате низ годините.

За што всушност се работи?

Американките Вики и Кристина решаваат дека летото сакаат да го поминат во Европа. Изборот е Барселона, а престојуваат кај роднината на Вики, Џуди. Вики е практична и традиционална, верна на својот прагматичен и ретко романтичен дечко, Дог.

Кристина пак е спонтана и несигурна во своите животни цели.Таа е сингл девојка подготвена за нови искуства. На една изложба девојките го запознаваат уметникот, Хуан Антонио. Тројцата заедно ќе се најдат во вртлог на страсти, вина и уметност.

Но, Хуан Антонио се уште е под влијание на својата несреќна љубов со својата психички нестабилна поранешна жена, Марија Елена. На почетокот приказната изгледа веќе нешто видено, две Американки одат на патување во Европа и мислите дека го знаете крајот. Но, дајте време да се развие приказната.

Интересно е тоа што, иако Хуан Антонио и Марија Елена не се водечки ликови, тие во целост го „крадат“ вниманието од двата главни карактери – Вики и Кристина.

Вуди Ален повторно си поигрува со умот на ликовите, а на тој начин и со умот на гледачите на уникатен и по малку луциден начин, карактеристичен за него. Во „Вики Кристина Барселона“ тој и се обраќа на пошироката публика, не само на неговите фанови.

Снимен е на автентични локации, во преубавата Барселона, така што додека го гледате посакувате да сте таму и да уживате во градот.

Одличен филм за реприза, доколку сте го гледале. Ако се уште не сте имале можност, погледнете го оваа вечер.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.