Вечерва започнува 12-то издание на Танц-Фест

0

Со премиера на претставата „Стапнувајќи на земја“ на Скопје танцов театар, денес, на 6 април, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе биде отворено 12-то издание на „Танц фест“. Фестивалот ќе се одвива со боувиевата максима како мото – „Ајде да танцуваме! Бидете различни!“ и до 29 април – Светскиот ден на танцот, во Скопје, Велес и Битола ќе донесе најобемна програма досега.

Манифестацијата овој пат ќе започне со одбележувањето на еден мал, но значаен јубилеј. Петте години на Скопје танцов театар, како прва современа танцова компанија во Македонија, премиерно на сцената на МНТ ќе ја донесат претставата „Стапнувајќи на земја“. Делото е убав спој на три различни кореографии: „Кој и да е“ на Андријана Андреева, „Најди некој…“ на Матеа Киселичка и „Тишината на пчелите“ на гостинката од Холандија, Џоан ван дер Маст, за која оригинална музика ја потпишува италијанската композиторка Сара Замбони.

Три дена по премиерата на 6 април во Скопје, оваа претстава ќе биде прикажана и во Народниот театар во Велес и на 25 април во Народниот театар во Битола.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот