Всадете самодоверба кај вашето дете

0

Кога воспитувате деца, никогаш со сигурност не знаете дали правилно го воспитувате или не и потајно се надевате дека сè што правите е токму вистинското. Ќе се изнаслушате совети од вашите постари роднини и пријатели, ќе читате книги, но психолозите се согласно во една – на детето треба да му кажете што е самодоверба и да ја развиете кај него уште од најраните години.

Многу родители ги затрупуваат своите деца со критики кога ќе погрешат нешто или кога ќе постигнат лоши резултати, а забораваат да ги пофалат добрите постапки и да ги наградат успесите. Децата проценуваат колку вредат според вашето мислење за нив, па обидете се почесто да им пренесувате позитивни охрабрувачки пораки.

a5a6db3c-d1ab-45a6-8c78-060daf15bb75

Но, не ги хиперболизирајте комплиментите, тие треба да бидат реални, оти во спротивност ќе имаат контрапродуктивен ефект. Детето може да придобие надуено его, кое ќе влијае негативно врз неговите пријателски односи. Тоа ќе започне да верува дека може да постигне сè и дека никој не е подобар од него, па кога резултатите ќе покажат нешто друго, неговата самодоверба наеднаш може да се сруши.

Колку што е можно почесто оставајте го да прави свој избор и почитувајте ја неговата одлука. Дозволете му да се чувствува важно и значајно. Независно дали му давате совети или забелешки, кога разговарате со вашето дете треба да се бидете на негово ниво. Седнете заедно на кревет за очите да ви бидат приближно на иста висина. Ако му зборувате од високо (тоа да седи, а вие да сте исправени над него), вие ја убивате неговата самодоверба.

7894eb3c-225e-46bd-9db9-922ce1122159

Охрабрете го само да ги решава малите проблеми и да бара алтернативни решенија. Не го спасувајте вашето дете од секоја тешка ситуација во која ќе западне и не му нудете секогаш готови решенија. Високата самопочит се поврзува со способноста за брзо решавање на проблеми. Дајте му шанса да порасне како личност, дозволувајќи му само да најде излез од одредени ситуации. Но, кажете му дека вие ќе бидете покрај него доколку му е потребна помош.

Дајте му до знаење на вашето најмило дека е уникатна личност со свои силни и слаби страни и дека го сакате токму онакво какво што е. На тој начин тоа повеќе ќе се цени себеси.

 При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.