Утрински извештај – На градот убав му се случи СНЕГОТ!

0

Не можете да кажете дека снегот не ве весели, ако не повеќе барем на неколку минути.

Да бидам искрена, мене снегот ми дава енергија и сила, без разлика што паѓа во Скопје. Што значи тоа? Значи дека убаво изгледа во првите неколку часа додека не e разгазен. Обично тоа е навечер и тогаш може вистински да се почувствува убавината на градот под бела прекривка.

А потоа, добро утро Скопје.

Улиците неисчистени, градот убав во мал хаос. Но, за разлика од другите години, овојпат центарот во 8 часот беше прооден, немаше голем застој и колите кои што поминуваа беа многу внимателни кон пешаците.

Јас ова утро носејќи ја ќеркичката во градинка вистински уживав заедно со неа на снегот. Не само заради белината, туку и енергијата на луѓето беше поинаква, како и самите тие за момент да заборавија на секојдневните маки и како мали деца уживаа на снегот. Немаше нервоза, дури си кажувавме и „добро утро“ и „извинете“ со насмевка!

Попатно, сретнавме неколку познати лица со кои се поздравивме, поразговаравме и си посакавме убав. Одејќи така по тротоарот од страната на Градски ѕид, сфатив дека ние не го газиме снегот бидејќи е веќе исчистен.

Браво комшии !

Секој си исчистил пред својот влез, вработените од локалите веќе беа со лопатите во рака и тротоарот беше прооден. Замислете во 8 часот наутро!

Браво комшии!

Успеавме на време да стигнеме во градинка, да направиме мини снешко попатно, да се сликаме пред градинката кај елките, и да се гушнеме. Тргна денов.

Решив ова утро да стигнам на работа со автобус. Застанав на постојката, проверив кога ќе дојде и додека го правев тоа, одговорив на анкета за некоја од телевизиите.

Стигна автобусот со број 4 точно навреме, се качив и тргнавме. Во автобус луѓето беа уште пољубезни, што ме изненади дополнително. Си разговараа за снегот, за работата, за школски обврски, немаше нервоза, иако имаше гужва.

Единствениот негативец во целава утринска приказна беше возачот на автобусот. Јас, ја промашив станицата за симнување и љубезно го замолив да ми отвори додека беше на семафор. Знам, не е дозволено и не ми е во пракса да правам такви работи, но ова утро морав. Тој, додека ја палеше цигарата, арогантно и дрско ми одговори дека не смее тоа да го прави.

Извинете, а цигарата дозволена е? Секако дека ми го игнорираше прашањето и забрза со возењето, во случај да посaкам сама да „скокам“ од автобус.

Поeнтата ми е дека секогаш ќе има некој што ќе сака да го расипе совршениот ден, да фрли сенка на доброто расположение и позитивата на денот. Ние, како возрасни личности, не треба да дозволиме тоа да ни го одреди денот.

Некултурата и нељубезноста секогаш ќе постојат, но не заборавајте дека ќе постои љубезноста, добрите луѓе и позитивната енергија. Одберете што ќе го дефинира денот, првото или второто.

Поздрав,

Биби

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

 

Остави коментар