Убави зборови за убави чувства

0

Никој не може да претпостави какво е чувството кога си дете и почнуваш да учиш зборови. Во тој момент, тоа не знае да ти објасни. Детската душа се впушта во една непрекинлива и секогаш возбудлива авантура на откривањето. Детето ќе стане возрасен човек, ќе располага со одреден фонд на зборови кои му ја овозможуваат потребната комуникација со секојдневните соговорници. Притоа (губејќи го детското во него) станува мрзлив за откривање на нови зборови или откопување на старите, архаичните и нивно воскреснување.

ubav zbor (2)

Дали некогаш сте размислувале кои зборови ви се убави и зошто токму тие? Кој е најубавиот збор кој некогаш сте го слушнале или прочитале некаде?

Убав ми е зборот „татковина“. Ми ги означува териториите каде сум своја. Нема физички граници, оти светот ми е татковина, сè додека си имам место под сонцето. Оти домот е кај што ти е срцето.

Го сакам и зборот „зошто“, иако многумина ги нервира. „Зошто“ ми е метафора за детето кое бара одговори на многу прашања, метафора за детето во мене кое одбива да порасне и понекогаш се запрашува зошто небото е сино или тревата зелена…

ubav zbor

И зборчето „насмевка“ ми е убаво. Оти насмевката на секој јазик звучи убаво. И „љубов“ е убав збор. И најубав ми е на мојот мајчин јазик, оти се прашувам како ќе сакам на некој друг јазик, нели на мајчин јазик љубов најубаво се искажува и прераскажува…

Убав збор ми е „Љубовден“. Го нема во речникот, Гане Тодоровски си го смилсил зборот од зборовите „роденден“ и „љубов“ и го сместил во неговата песна „Скица за првото писмо до Ема Гермова“. Љубовден ми е секој ден убав.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот