Туѓото време е драгоцено – да научиме да го почитуваме

0
50858839 - shocked young woman waking up with alarm

Сте забележале дека се помалку се почитува туѓото време?

Секаде се доцни: на состаноци, на свадби, во градинка, во училиште, на лекар, на работа, па дури и на погреб.

А после, откога ќе се затворат вратите, друг ни е крив, никогаш ние самите.

Носејќи ја ќерка ми во градинка секој ден, забележувам дека секогаш истите родители, во исто време ги носат своите деца. Поделени во секевенции, едни ги носат во 8 часот, друга група во 8:15, а третата во 8:30 часот.

Последната најчесто е најнервозна група луѓе, бидејќи вратите се затвораат во 8:30, па од таму и трчањето кон градинката, нервозата зошто детето оди толку бавно, па ако се затвори вратата коментари кои се недолични за една возрасна група луѓе.

Да бидам искрена и јас сум се нашла во последната група неколку пати. А како ја научив лекцијата? Па кога ми ја затворија вратата пред нос, потоа морав да ѕвонам на учителките, да ги замолувам да излезат, да се извинувам и слично. Од тогаш, нема веќе доцнење.

Ние луѓето имаме тенденција да влегуваме во шеми од кои ни е многу тешко да излеземе. Психолозите доцнењето го поврзуваат токму со рутините кои ги стекнуваме во текот на животот, како и лошата проценка на времето. За среќа, ова се параметри на кои може да се влијае, ако се сака.

Тие велат дека ако се погледнува почесто часовникот при подготовка, ако се создаде стратегија како да се заврши сè на време и да се почитува истата, како и тоа да се напушти навиката „ама само уште ова да го направам“, проблемот со доцнење ќе исчезне.

Па ајде, да пробаме нови работи, ајде да почнеме да го почитуваме туѓото време, ако сакаме да го почитуваат останатите нашето. Доста беа изговори од типот алармот е крив, „snooze“ е крив, сообраќајот е крив и целиот универзум кој решил дека денеска ќе доцнам.

Виновниците сме ние и следствено на тоа, која ќе биде казната?

Поздрав,

Биби

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот