Три рецепти со ајвар што не се леб, ајвар и сирење

0

Да речеме дека се осеќаш особено храбро зимава.

Тоа ќе се осмелиме. А што нема да се осмелиме да речеме е дека некогаш ќе ти здосади од леб, ајвар и сирење. Може ли да ти здосади од нутела и банана или од бургер и помфрит? Никогаш.

Но ете, реши малце да си го разиграш ајвар-животот, па како на рекламите за лоши италијански парфеми од 90-ти да ја пуштиш косата и да ја покажеш твојата дива страна. Ова е вистинското место да започнеш – со нашите три храбри и непредвидливи рецепти со ајвар, кои нема да ти одземат повеќе од 10-20 минути и од кои ниту еден (ниту еден!) нема комбинација на леб или сирење.

Сите рецепти подолу ги приготвивме со производите на Перустија и функционираат подеднакво добро со обичен и со лут ајвар.

Гвакамоле со ајвар

Како гвакамоле да не беше доволно непредвидливо само по себе, нели? Овој ни е можеби хитот меѓу трите рецепти кои ги испробавме. За жал и најскап поради цената на авокадото во Македонија.

Кога го тестиравме рецептот на потешкиот начин научивме дека за гвакамоле треба да се внимава авокадото да биде меко и убаво созреано, зашто „вистинскиот“ начин и мексикански на правење на гвакамоле е со гмечење со вилушка. Нашите авокада беа тврди, па моравме да ги ставиме во блендер, но на вкус сепак беа одлични.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
  • 2 зрели авокада
  • 1/2 главица црвен кромид
  • Сок од 1 лимета
  • Сол по вкус
  • 3 супени лажици ајвар
НАЧИН НА ПРИПРЕМА:

Со вилушка изгмечи ги парчињата авокадо (не мора да биде премногу совршено изгмечено, може да има и неколку поголеми грутки во смесата) и измешај го со исецканиот црвен кромид и сокот од лимета. Додади го ајварот и сол по вкус. Ќе ти бидат потребни 5-10 минути да го припремиш овој рецепт.

Полнети тиквички со ајвар

Овој рецепт е со најевтини состојки од сите три. А доколку си од оние кои редовно ја палат рерната (овде спаѓа сè што е над 3 пати годишно), овој ќе ти биде можеби и најлесниот за припремање.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
  • 4 млади тиквички
  • 300 грама ајвар
  • 300 грама кашкавал по избор (моцарела, козји, кравји, пармезан)
  • Сол по вкус
НАЧИН НА ПРИПРЕМА:

Најпрвин, убаво загреј ја рерната на 180 степени. Во меѓувреме измиј ги тиквичките, излупи ги и исечи ги на парчиња (околу 4-5 цм во должина). Испразни го секое парче и наполни го со ајвар. Така наполнети стави ги тиквичките да се печат. После 15-20 минути одозгора додади им изрендан кашкавал и печи ги дополнителни 5-10 минути додека кашкавалот убаво не се растопи, но пред да почне да гори.

Шпагети со ајвар

18 часот, недела, денес празник и утре празник, ништо не работи за да купиш леб, имаш шпагети, ама немаш никаков сос? Помисли на нас ако некогаш ти се случи оваа многу конкретна ситуација.

Најверојатно најчуден од сите три рецепти, овој за паста со ајвар изгледа како шпагети со сос од домати, но на вкус е комплетно различен. Тоа може да те збуни, како што не збуни нас на почеток, но ако му дадеш шанса ќе сфатиш дека е всушност многу вкусно.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ДВЕ ПОРЦИИ:
  • 150 грама шпагети
  • Маслиново масло
  • 3 супени лажици ајвар
  • 10-ина маслинки, исечени на половина и семката отстранета
  • 1 парче моцарела или изрендан пармезан
НАЧИН НА ПРИПРЕМА:

Додека ги вариш шпагетите (7 минути за ал денте) на страна го припремаш сосот. Во здела ги мешаш исецканите маслинки, ајварот и маслиново масло, убаво мешаш. Откако шпагетите ќе се сварат, во тањир ги преливаш со сосот од ајвар и одозгора рендаш моцарела или пармезан.

 

(Извор: Reborn.mk)

 

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.