Треба ли секој да се нарекува себеси „менаџер на ресторан“

0

Живееме во време кога е многу важно покрај нашето име да се „запепи“ титула. Некаква… било каква… ама важно да е титула. А една од нив е „менаџер на кафуле/ресторан/дискотека“.

Моето прашање е – може ли секој да е „менаџер“ на каков било локал? Какви квалификации треба да поседуваш за да ја добиеш оваа работа? Колку треба да си способен за да ја извршуваш коректно, соодветно, паметно? Да, треба да „играш“ паметно ако сакаш да си добар во тоа што го работиш.

На сето ова ме поттикна една обична, и за жал, многу нормална (за повеќемината) случка… Кога размислив, сфатив дека такви ситуации има повеќе.

Ситуација 1

Се јавувате да резервирате маса во елитен ресторан. Со менаџерот се договарате да ви резервира две високи маси за стоење, кај народот познати како коњопои, да бидете сместени понапред за да стоите близу музиката и да имате барем едно столче за бремената жена којашто ќе дојде со нас.

Наместо сето ова, ве дочекува една висока маса во најоддалечениот дел од ресторанот, а од „ѕидовите“ пред неа не можете да го видите бендот што таа вечер свири.

Му се јавувате на менаџерот кој ве уверува дека ќе го реши проблемот за 5 минути. Му се јавувате и по 10 минути за да го добиете истиот одговор, а на третиот повик не ви ни крева слушалка.

restaurant-manager

Ситуација 2

Се дотерувате од глава до петици, решавате да одите на вечера со партнерот. На вратата ве пречекува човек којшто ви вели дека нема место, дека сè е резервирано, иако гледате дека повеќе од половината маси се празни.

Јасно е зошто ве одбива – не ве познава, не сте ни пријатели, ниту пак редовни гости на ресторанот. Или, едноставно не му се допаѓате. И ќе измисли илјада причини зошто не можете да влезете.

Ситуација 3

Ќе повикате келнер за да порачате. Ќе добиете одговор „Јас не служам во овој дел“. Менаџерот е тој што треба да ги научи вработените дека „не можам“ или „не е мое“ не смеат да постојат во нивниот речник. Ако не е тоа нивни „реон“, ќе го повикаат келнерот што послужува тука, наместо да ве откачат дека тие ништо знаат. Колку и да сакате да им замерите на келнерите, ова е поделена одговорност со менаџерот.

Вистинските менаџери треба да се љубезни, да се обидат да ја исправат грешката, да го решат проблемот и да се извинат ако треба. И да ве прашаат дали е сè во ред, без оглед на тоа дали ве познава или не. Таков треба да биде со сите гости.

Односот кон луѓето е тоа што ги одвојува добрите менаџери од сите оние што би сакале да бидат тоа. Од нив зависи дали гостинот ќе се врати повторно или не.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.