TOW#506 – Ветувања

0

Луѓето ветуваат, за после тоа да не ги исполнат ветувањата. И тоа се случува на секое поле, но она што најмногу ме иритира е што тоа се случува на работа. Луѓето ветуваат сè и сешто, само за да те „откачат“, несвесни што може да придонесе тоа на другата страна.

Не сме ни свесни дека кредибилитетот на една личност се мери со работи како што е неговата/нејзината вредност, влијанието и славата, но ако ги одземете сите овие работи, ветувањата и нивнотот исполување се оние кои остануваат и се вреднуваат.

Но, кога не успеваме да ги одржиме ветувањата, тоа комуницира со другата личност дека не го цениме него/неа. Свесно сме одбрале дека избираме нешто друго (менување на првичното ветување, неисполнување, „правење на Тошо” итн.) пред она што сме го ветиле, а не сме ни свесни дека сето ова може да резултира со ерозија на довербата во нашите односи.

Конкретен –  бидете конкретни во ветувањата, сигурни дека ќе можете да ги исполните и пред воопшто да ветите дека ќе може да ги исполните. Бидете јасни во очекувањата, резултатите и активностите кои треба да се преземат. Откако сето тоа ќе го направите, имајте рок за исполнување. Немојте никогаш да давате ветувања кои знаете дека нема да ги исполните!

Пишани наспроти вербални ветувања – најчестите проблеми во валоризација на исполнување на ветувањата се тоа што поголемиот број од нив се вербални. За да не се ставите во ситуација, ама јас мислев ова, а ти мислеше она, секое ветување/обврска ставете ја во пишана форма.

Мали ветувања – луѓето честопати практикуваат малите ветувања да не ги валоризираат и да ги третираат како неважни. Но, едно мора да се запамети, секое ветување мора да се исполни. Може да имате „проблем” со временскиот период, но не и со исполнувањето на (какви било-) ветувања. Неисполнувањето, па дури и на малите ветувања, ве прави дека сте неорганизиран и неодговорен.

Исполнување, без оглед на што – немојте да правите изговори и рационализирање, туку фатете се за работа и она што сте го ветиле, исполнете го! Доколку се работи за долгорочно и континуирано ветување, тогаш направете негова адаптација откако првиот дел ќе го исполните, но немојте на крај на истекот на рокот да почнете да се „вадите“ со изговори и да го преименувате она што сте го ветиле!

Другата страна – немојте вашите ветувања да се засноваат на тоа – доколку другата страна ги исполни и јас ќе ги исполнам моите ветувања! Вашите ветувања се ваша обврска, а на другата страна е нивна. Неисполнувањето на вашите и нивните ветувања, не ве прави помалку или повеќе (не)исполнителни. Од друга страна, пак, доколку вие сте го исполниле вашиот дел, тогаш е сосема легитимно да очекувате и другата страна да го направи истото.

Како што реков, сè повеќе се случува луѓето да даваат ветувања и после тоа не ги исполнуваат, а неисполнувањето го оправдуваат со тоа дека другата страна тоа не го направила како што треба. Неисполнувањето на вашето ветување само ве доведува до ситуација луѓето да имаат сè помалку доверба во вас, да не веруваат во она што ќе го кажете дека ќе го исполните, но на крај, сè помалку би сакале да бидат блиску до вас. Запрашајте се, кому тоа сте му го направиле, а не кој на вас тоа ви го направил?!

Со успех во промените
@kalinbabusku
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
www.macedonia-export.com

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот