TOW#420 – Пред да кажеш нешто…

0

„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.

Пред некој ден налетав на една слика на која пишуваше:

Пред да зборуваш, размисли…
⦁ Дали е вистина?!
⦁ Дали е од помош?!
⦁ Дали е инспиративно?!
⦁ Дали е потребно?!
⦁ Дали е позитивно?!

Ова е исто, како и приказната за Сократ, кога некој познаник му дошол и му рекол „дали знаеш што слушнав за еден твој ученик?!”. Тој му одговорил, пред да ми кажеш, те молам да одговориш на еден тест, т.н. „тест од 3 прашања”.

1. Дали тоа што ќе ми го кажеш е вистина?! – соговорникот одговорил „не знам, така ми кажаа мене”.
2. Дали тоа што ќе ми го кажеш е добро?! – соговорникот одговорил „не, баш напротив…”
3. Дали тоа што ќе ми го кажеш е корисно?! – соговорникот одговорил „не баш”.

„Ако не знаеш дали е точно, ниту дека е добро, ниту пак може да е од корист за него, тогаш зошто воопшто да ми го кажуваш, одговорил Сократ!“

Си велам, каква би била нашата меѓусебна комуникација доколку, пред да кажеме некому што било, постојано би си ги поставувале овие прашања?! Едно е сигурно, покрај тоа што помалку ќе зборуваме, ќе се намали и бројот на трачеви.

Кога размислуваме што ќе кажеме пред да зборуваме, јас велам дека тоа е второ ниво на емпатија. Прво ниво е кога се ставаме во кожа на нашиот соговорник и се трудиме да ги разбереме неговите емоции, мисли и постапки. Второ ниво е, кога мислиме тоа што ќе го кажеме како ќе се одрази на другите, на соговорниците. Но, за жал, ние генерално паѓаме на првото ниво. Нас тешко ни оди да бидеме емпатични и да мислиме за другите. Како се чувствуваат и што мислат или како ќе се одрази на нив она што ќе го кажеме. Проблемот лежи најмногу поради тоа што нашето ЈАС е посилно од ТИ за другиот. Секогаш ние си гледаме од наша перспектива и нè интересира само она што е од наш интерес. За другите немаме многу време да мислиме.

Тешко е и бара многу работа и свесност постојано да размислуваме од двете страни (и нашата и на соговорникот) но, со цел да си ја подобриме комуникацијата со другите треба да го имаме ова на ум:

1. ЕГО: прво треба да поработиме на нашето его. Да научиме како да почнуваме во разговорите со ТИ наместо со ЈАС;

2. Да молчиме повеќе: и тоа е многу тешко, бидејќи е поврзано со нашето ЕГО. Нашето „его” е тоа што постојано избрзува во реакциите и ни ги прави проблемите во комуникацијата.

3. Да мислиме повеќе: дали тоа што ќе го кажеме ќе се одрази позитивно или негативно на соговорникот. Се вели дека за да го постигнеме ова треба да имаме поголем когнитивен капацитет.

4. “Accurate Thinking” (правилно размислување) – овој концепт е познат уште од почетокот на минатиот век (Наполеон Хил). “Acurate Thinking” значи размислување врз основа на факти. Дали тоа што го знам и сакам да го кажам е поддржано со факти или е слушнато од некој непроверен извор?!

5. Карактер: и на крај, секако овој концепт многу зависи од тоа каков карактер сме. Ако сме „трачери” или „критичари” или, пак, имаме „краток фитил” (брзо избувнуваме), тогаш потешко ќе може да се снајдеме во користење на овие насоки.

Во секој случај, тешко е да го користиме овој начин или техники на комуникација. Треба да го промениме целиот систем на однесување. Но, барем да се потрудиме да мислиме повеќе пред да кажеме нешто следниот пат.

Со успех во промените,

Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ  Консалтинг

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.