Тајван, една вистинска животна авантура

0

Писмо од читател

Кина во нијанси (контроверзните односи меѓу Кина и Тајван ги оставаме за друго место и време), Јапонија во нијанси, посебно Таипеи и сосема неочекувано, место на домородечки племиња и племенски поглавари-тоа е Тајван. Официјалното име на Тајван е Република Кина (Republic of China); збунувачки е кога ќе го прочитате името на визата, бидејќи на неа никаде не пишува Тајван. Потсетува премногу на People’s Republic of China, што е пак официјалното име на Кина. Тајван е островска земја сместена во Источна Азија и судејќи по бананите кои растат насекаде, палмините дрвја и плантажите ананас, претставува прекрасен тропски остров. Влезот во Тајван за лице со македонски пасош знае да биде навистина интересен и заради реткоста, ви овозможува средби со различни профили на царински и гранични службеници кои за среќа завршуваат само со зачудена насмевка.

Посетата почнува со главниот град Таипеи и неговиот заштитен знак, кулата 101. Како највисока зграда во градот, делува импресивно, особено ноќе, меѓутоа Таипеи има толку многу да понуди, што кулата останува во заден план.

6729cc4f-c48d-44c5-bddb-5f69894e68fb

Музејот на Националната Палата е прекрасно здание со импресивна колекција на кинеска уметност; за мене и за мојата пријателка Тамар од Израел беше прв контакт со кинеската култура и љубов на прв поглед. Ноќните пазари на храна во Таипеи се вистинска атракција-за оние со покласичен вкус, внимавајте на специјалитете од кокшкин задник, кој личи на било кое месо на стапче, на цревата налик на паста и на специјалитетите од свинска крв-личат на колач од домашна чоколада.

337adc5e-4a9e-4721-8b5a-6f3d01e9cdc8

По Таипеи, го посетивме Сандимен, вистинско планинско откритие во срцето на Тајван. Во Сандимен живее едно од абориџиналните Паиван племиња на Тајван,луѓе со култура (и превкусна храна) сосема различна од кинеската. Ние престојувавме во хотелот на поглаварот на мало племе кој нè замоли да го викаме Дон Андрес-името го добил во времето кога живеел во Аргентина. Со негова помош,запознавме познат калиграф од Пиндонг,град во близина на Сандимен, каде имавме можност да го посетиме студиото на уметникот и да добиеме негов личен подарок.Дневните прошетки од Сандимен со семејството на дон Андрес нè водеа низ бесконечни плантажи на ананас,сместени меѓу магливите планински врвови, сѐ до скриени храмови,каков што е Златниот храм.Се разделивме од Сандимен со топли зборови и желби за повторна средба.Од центарот на островот,стигнавме во неговиот најтопол јужен дел, близу Националниот парк Кентинг.

dc78447c-3e1e-4476-892f-da0689d59dce

Најубавите песочни плажи на Тајван се наоѓаат таму. Заслепувачки бел песок, тиркизно море и малку бранови нѐ пречекаа во местото Баишаван ,што значи „бела плажа“.Ова е трендовско место за сурфери и за сите кои бараат мал одмор од напорното секојдневие.За нас пак,круна на нашето патување и пауза за заслужен коктел. Кон Таипеи со вративме со преудобен автобус  чии седишта се флексибилни,удобни и со поединечна забавна конзола.Ако ја игнорирате конзолата,патот е далеку поинтересен-џиновски прасиња го полнат камионите од едниот до другиот крај на Тајван,а секоја автобуска станица ви нуди интересна глетка на мал киоск во кој атрактивна девојка продава оревчиња од растениото “betel” .Џвакањето на оревчињата е секојдевна,но опасна страст на тајванските мажи која меѓу другото, е виновна за црвеникаво обоените тротоари во Тајван.

0370eef1-ee72-4a88-b23a-9fb86f583cc2

За крај, завршивме од каде што почнавме-во Таипеи. Патувањето го завршивме во кафулето на прекрасната Хелен и се упативме кон аеродромот Таојуан. Со себе ја понесовме девизата научена од Тајван:„прави добри нешта,зборувај добри зборови и чувај добри мисли“.

3b987bea-8e2c-4ebb-aeed-600d43367a48 d3761f86-3b5f-4aa5-afb5-b5099907a8e3 dc1f74a1-8a67-462c-ab86-1a4033cc7fcd

Напиша: Даниела

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот