Таа само сакаше да танцува

0

Познавав една девојка. Не е важно како се викаше. Беше една од најубавите девојки кои ги имам видено со моиве две очи. Ја гледаш, чиниш излегла од некоја бајка. Таа сакаше да танцува. И тоа многу!

Таа сакаше да танцува додека учеше како да се движи низ животот. Но, судбината и подари претешки чевли, за број помали и не успеа да танцува додека чекореше по патиштата, додека се двоумеше пред раскрсниците на животот…

Таа сакаше да танцува во постелата на еден човек, за неа единствен, посебен, најсакан. Но, тој одлучи дека не го сака танцот. Па не ја остави да танцува таму. Си најде друга која воопшто не сака да танцува.

Таа сакаше да танцува на дождот за да му покаже на светот дека и тој има убавина. Никој не ја сфати сериозно. Сите и се потсмеваа, ја нарекуваа луда, бегаа од неа.

Но, таа не се откажа. Денес танцува. Ги соблече чевлите на судбината и танцува боса. Танцот и е совршен, изгледа како да лета по патиштата на животот, изгледа како да лета за да го најде човекот кој ќе и биде партнер за танц додека е жива!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот