Света Лидија Македонка – прва христијанка – Европјанка

0

Во Филипи Лидија била првата личност која поверувала во Господа Исуса Христа и ја прифатила проповедта на Свети апостол Павле. Таа своето верување во Христа Спасителот го запечатила со нејзиното крштевање во Троедниот Бог. Лидија е првата христијанка во Македонија и во Европа која го примила христијанството од раката на апостол Павле, а посакала и своите блиски да ги приведе кон Христа, како што запишал евангелистот Лука: „Се покрсти таа и нејзините домашни“.

Света Лидија е камен темелник на Црквата во Филипи. Таа е прва личност која што била крстена од страна на апостол Павле на европско тло и затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка. Била богата и побожна жена, омажена во градот Филипи, а потекнувала од малоазиска провинција, од градот Тијатир кој бил македонска колонија.

Лидија била продавачка на порфир, скапоцени црвени ткаенини кои се изработувале во Азија, а европјаните ги користеле за своите богати облеки. Градот Тијатир бил прочуен по бојадисувањето на ткаенините со природни црвени бои на порфирот. Лидија тргувала со порфирот којшто бил употребуван за благороднички облеки, бидејќи во Филипи имало воени ветерани и градот бил богат. Нејзиниот сопруг не се спомнува па се смета дека е вдовица. Се мисли дека била прозелитка, но го почитувала Бога, па го напушта многубоштвото и се покрстува таа и нејзините поблиски роднини.

Во триесет и првата година пред Христа, градот Филипи постанал римска колонија, од страна на императорот Август Октавија кој кон името на градот додал дека е негова колонија. За да го засили римското влијание во Македонија, тој таму преселил многу значајни граѓани од Италија, и во Филипи поставил римски гарнизон и на жителите им ги дал сите права на Римајни. Првата христијанска црква, кога христијанството се пренесувало од Азија во Европа, била формирана во Филипи. Тоа се случувало во педесет и првата или педесет и втората година на почетокот на второто мисионерско патување на светиот апостол Павле (51-54 година), коешто е опишано во Делата на светите апостоли.

Во Светото Писмо се говори дека Свети апостол Павле во Троада имал видение на еден човек Македонец кој го молел и му велел: Премини во Македонија и помогни ни! Евангелистот Лука во Делата запишал дека разбрале дека станува збор за Божја промисла таму да се проповеда Евангелието.

Црквата во Филипи била првата Европска црква што ја основал апостол Павле.

Светиот апостол ќе рече: Македонските христијани, доброволно, со љубов и дарежливо милостдие, материјално го помогнаа делото на Господ Бог.

Освен Лидија, исто така силни по вера и добри христијанки од Филипи, во Библијата се спомнуваат и Еводија и Синтихија.

Со посебно признание, од христијаните во Филипи, апостол Павле ги истакнува и мажите: Епафродит и Климент и „другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот“, вели апостолот.

Жените први го примиле Евангелието во Европа

Први слушатели на Павловата проповед во Филипи биле жените, како што запишал апостолот Лука, велејќи: „Им зборувавме на собраните жени“. Тоа значи дека Европа преку маж, во личноста на „еден човек Македонец“, упатила повик кон Христа: Да дојде Спасителот и во Европа, а преку жена, со покрстувањето на Лидија и првите жени коишто ги слушале проповедниците на Евангелието, ја примила Христовата спасителна поука.

Евангелието кога стигнало во Европа не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите. И Госпoда Исуса Христа, како што ни сведочи Евангелието, го следеле повеќе богобојазливи жени од Галилеја и Јудеја, а во Самарија, жената Самарјанка била првиот проповедник за царството Божјо и сведок дека Го видела Христа Месијата. Мажите – апостолите, уште од Гетсиманија го напуштиле Христа и се разбегале, а на Голгота жените се доближиле до крстот и го оплакувале Христовото распнување.

Мироносиците први отишле на Христовиот гроб и најнапред тие ја чуле веста за Христовото воскресение, па постанале благовесници и за апостолите, кажувајќи им дека Христос воскреснал. Не се спомнува во Евангелието за злобности, лицемерија и предавства од жени (освен Иродијада), а истакнати се нивните значајни активности во мисионерските проповеди на Евангелието.

Познати се и жени просветителки, како света Нина во Грузија, првомаченичката и рамноапостолна Текла, па Варвара, Евдокија, Софија со трите ќерки: Вера, Нада и Љубов, преподобна Марија Египетска, како и мајките: Антуса, Нона, Емилија и Моника, коишто ги родиле светите: Јован Златоуст, Григориј Богослов, Василиј Велики и Блажени Августин, па преподобна Параскева (Петка), света Злата Мегленска, цариците: Елена, Теодора, Олга и други, како и безброј свети жени маченички, преподобни и исповеднички, „чии имиња се запишани во книгата на животот, бидејќи нивниот труд има вечно значење“ (Филип. 4,3; Откр. 21,27; 13,8).

Свети апостол Павле имал правилно разбирање за способностите и одликите на жената, па затоа активно ги вклучувал и жените во мисионерството и во евангелизацијата во ранохристијанската црква. Од неговите посланија се гледа дека ги пофалувал и поткрепувал надарените христољубиви жени, како што се: Лидија во Филипи, Прискила од Коринт, Фива при црквата во Кенхреја, Маријам во Рим, мајка му на Руф и други (Рим. 16,1, 3, 6, 13 и 1. Кор. 16,19).

Искуството во Црквата Христова покажува дека приврзаноста на жената кон Бога и кон Христа Спасителот ја прави многу похрабра и од мажот, па затоа во периодот на страдањето на Црквата под јаремот на комунизмот, во источноевропските православни земји, жените останаа поприврзани кон Црквата и тие ги полнеа храмовите на богослужбите, скришно ги носеа своите деца на крштевање и потајно го викаа свештеникот да ги благослови и освети домовите во кои живееја со своите семејства.

Куќата на Лидија станала прва црква (храм) во Македонија

По крштевањето света Лидија побарала од апостолите да ја препознаат како верна во Господа, што и сториле, знаејќи ја нејзината вера, скромност и благочестивост.

Света Лидија била гостопримлива па ги понудила светите апостоли да живеат во нејзиниот дом, па свети апостол Лука ќе посведочи за тоа, и тие на крајот прифаќаат, со што се потврдува дека таа е достојна за тие да бидат во нејзиниот дом. По заминувањето на апостол Павле со придружниците, се претпоставува дека апостол Лука останал да живее во куќата на Лидија. Куќата станала првиот христијански храм во Европа, по примерот од куќата на Марија, мајката на евангелистот Марко во Ерусалим. Лидија е првата христијанка жена, во првата христијанска црква во Европа – црквата во Филипи, Македонија.

Во куќата на Лидија апостолите се сретнале со сите христијани и откако ракоположиле свештеници и ѓакони и им дале упатства како да раководат со Црквата, си заминале. Во црковната општина (ejkklhsiva) оставиле: ѓакони (diavkonoi – слуги, служители Божји, при извршувањето на светата Евхаристија, во олтарот и во храмот); презвитери (presbuvteroi – старешини, продолжители на делото од апостолите) и епископи (ejpiskovpoi – надгледувачи, надзорници во Црквата).

Апостол Павле единствено од оваа црква примил дарови за своето мисионерско дејство, бидејќи знаел дека тие биле дадени од срца полни со љубов.

Оваа црква станува пример за формирање на други цркви во Македонија и во Елада.

Се смета дека Лидија е основоположник и на црквата во Тијатир која е една од седумте цркви во Азија, за кои што зборува свети Јован во Откровението.

Апостолот го напуштил градот Филипи во мир и бил свечено испратен од раководителите на градот. Тоа е единствен град од каде што Павле си заминал непрогонет, а мирно и свечено.

Единаесет години по заминувањето од Филипи, пред крајот на првото заточеништво во Рим (63-64 година) апостол Павле пишува Послание до Филипјаните, со многу љубов и лични спомени: „ Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа и така,браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стоите тврдо во Господа, возљубени“.

Извор: religija.mk, wikipedia.org

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.