STRING FORCES со видеозапис за „Тишина“, вториот сингл од новиот албум

0

STRING FORCES (Стринг Форсис), групата која нешто повеќе од две децении опстојува меѓу предводниците на македонската современа музичка сцена, по композицијата „Ние сме“, го објави и вториот сингл од новиот албум!

Синглот насловен „ТИШИНА“, групата го промовира и со видеозапис, со која го наговестува своето ново лонгплеј издание кое пак го очекуваме оваа есен.

Во реализацијата на видеозаписот и за синглот „ТИШИНА“, како соработници на STRING FORCES се потпишуваат Тања Рибарска (видео, монтажа), Гоце Наневски (фотографија, видео), Кристијан Теодоров (Мелем продукција) и Виктор Битовски.

Најновите остварувања на STRING FORCES во секој поглед се доследни на автентичниот израз и звук на групата, но дополнително ги најавуваат следните активности во нивниот нов творечки потенцијал. 

Највидливата промена во таа смисла е во составот на групата, која за прв пат има активен пијанист – Дамјан Темков. Исто така по неколку години во групата е повторно и Александар Стојанов Зорин. Сето тоа заедно го комплетира бендот како шестчлен состав: Александра Мангаровска Милиќевиќ, Александар Стојанов Зорин, Дориан Јовановиќ, Дамјан Темков, Александра Кузман, Благојче Пенов. Новиот албум е во основа дело на групата во овој состав, која воедно ја најави и можноста за интересно гостување-соработка, но за сега тоа останува тајна.

Материјалот за албумот е спремен и снимен, а остануваат уште мали доработки пред неговото официјално објавување кое е планирано да биде на есен.

Во наредниот период публиката ја очекува и промоцијата на документарниот филм за STRING FORCES кој веќе подолго време се подготвува и е конечно спремен за премиерното прикажување пред јавноста.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар