Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ ја обедини ИКТ заедницата во хуманитарен проект: Донација вредна милион насмевки!

0

Традиционално на истекот на секоја година Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ ја организира најдобрата забава за ИКТ заедницата на која покрај добрата журка, се случува вмрежување на лидерите во индустријата во еден неформален и опуштен амбиент.

Оваа година во концептот на забавата МАСИТ воведе ,,добра” иновација која му претходеше на настанот. Имено, во правец на додавање на посилна општествена вредност МАСИТ иницираше проект за обезбедување и донација на новогодишни пакетчиња за деца од ранливи категории.

Поради огромниот интерес на ИКТ заедницата, МАСИТ го издигна проектот на ниво на караван од донации опфаќајќи неколку институции: Државно училиште за деца со оштетен вид ,,Димитар Влахов” Скопје, Дом за деца без родители ,,11 Октомври” Скопје и Заводот за згрижување, воспитување и образование на деца „Ранка Миловановиќ“.

,,ИКТ заедницата е силен двигател на општествени и економски промени преку технологијата, па оттука чувствуваме порив и одговорност да се грижиме за сите учесници во општеството, особено за помалку среќните и најмладите. Овој караван од донации е инициран од МАСИТ, но донатори се компании кои се членки и пријатели на комората кои со овој проект симболично донесоа новогодишпна резолуција за уште посилни залагање за добрина и позитивни промени” – изјави Анета Антова Пешева – заменик претседател на МАСИТ.

При посетата на институциите, раководството на МАСИТ и претставници на добрите донатори од кои најголем дел членки и пријатели на МАСИТ се запознаа со децата од ранливите категории кои пак ги воодушевија со својата позитивна енергија и ентузијазам. Во знак на благодарност за донациите, дечињата приредија претстави и возвратија со бесценети насмевки.

,,Насмевките на дечињата од овој караван на донации се бескрајна инспирација да работиме и создаваме повеќе и ние како комора и компаните со кои работиме. Сметам дека постојат многу можности за подобрување на условите за развој на децата од загрозени категории и нашите залагања за 2018та година ќе ги насочиме во тој правец” – изјави Елена Петрушевска, В.Д. директор на МАСИТ.

Овој проект на МАСИТ, како сведоштво дека празниците се време за нови резолуции и планови, инспирираше добар дел од донаторите за следни проекти кои ќе бидат во правец на инклузија на ранливите категории.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.