Стоби – градот на античката историја

0
фото: интернет

Познат е фактот дека Македонија е земја која изобилува со природни убавини, но и е исто така земја богата со историја.

Локалитетите кои ја раскажуваат историјата се наоѓаат на територијата на цела земја и доколу не сте биле никогаш, вреди да посетите некој од нив.

Посетете го Стоби, древниот град кој со својот урбан дел се наоѓа на три тераси, што се спуштаат кон Црна Река, опкружени со ѕидови, на устието меѓу Црна Река и Вардар и е со површина од 1.600 квадратни метри. Познато е дека тука минувале главните патишта кои ги сврзувале областите на преден Дунав со медитеранските земји, уште од предисторискиот период. По овој главен пат на Балканскиот Полуостров се движеле културните влијанија од југ кон север и обратно. Црна Река, од друга страна, претставувала природен пат кој ги сврзувал централните области на Македонија со Јадранското Море. Во римскиот период покрај Црна Река водел значаен пат, кој го поврзувал градот Стоби со Виа Игнација кај Хераклеја Линкестис, близу до денешна Битола. Така градот Стоби заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период.

Јужно од градот се наоѓаат траги од предградија, додека портата на градот што води кон Хераклеја, а по падините од Гробјанската црква до базиликата во Паликура, се наоѓаат повеќе некрополи. Тие некрополи се од хеленистички, римски, византиски и словенски период.

Најстари пишани извори за Стоби наоѓаме кај Тит Ливиј, кога споменува за победата на Филип V, крал на Македонија, над Дарданците во 197 г. п.н.е. Според археолошките податоци градот бил подигнат во хеленистичкиот период, но не многу пред владеењето на Филип V.

Со истражувањата под неколкуте градби во централното подрачје на подоцнежниот град, констатирани се слоеви од 3-ти и 2-ри век п.н.е., а пронајдени се бронзени предмети од класичниот и архајскиот период, како и поединечни керамички предмети од неолитскиот период. Се претпоставува дека градот бил основан во 359 г. п.н.е. Во 168г. п.н.е., со победата на Римјаните над кралот Персеј, Македонија била поделена на четири области. Тогаш Стоби станува центар на трговија на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска провинција. За време на владењето на август (31-14 г.п.н.е.)градот се шири на запад и југ, за што сведочат 55 гробови од западната некропола, од времето на Август.

Во Стоби се забележани голем број на култни претстави на божества од грчко-римскиот пантеон: Аполон и Артемида, Асклепиј, Дионис, Немеза, Зевс, Тихе, Афродита, Хигија, Телесфор… Се работи за бронзени и мермерни статуи, или пак за релјефни претсави на мали камени икони. Исто така, откриени се и многубројни примери на архитектонска камена пластика од раноримските храмови. За жал, археолошките ископувања сè уште го немаат откриено ликот на раноримскиот град и денес немаме репрезентативни сочувани објекти од ова време, со исклучок на две-три градби, меѓу кои се истакнува театарот.

Податоци за постоењето на најмалку два храма, ни даваат монетите што се ковале во ковачницата во Стоби. Продукцијата на монетоковањето во Стоби се одвивала во времето на цар Веспазијан (69 – 79) до царот Елегабал (218 – 222). На најраната монета, може да се препознаат претстави на Викторија – гениј на победата – и фигура на бик. Датирањето на овој таканаречен автономен тип не е со сигурност одредено.

Стоби бил град кој во своите ѕидови вклучувал повеќе градби, куќи и палати кои се ископани низ годините и со нивното постоење ја раскажуваат античката историја на ова место. Интересно е што во тоа време имало и коцкарница, покрај културните објекти како тетарот на пример.

Се на се, Стоби е место кое вреди да го посетите, да слушнете и научите повеќе за античкиот период и да се потсетите колку многу историја лежи на оваа наша земја.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.