Што не нè научија на училиште за креативното размислување

0

Во животот е многу поважно да размислувате самите отколку слепо да ги следите работите научени од книгите во училишните денови. Училиштето може да нè научи многу, ама не и дека треба, дека мора да размислуваме креативно. Тоа ќе нè одвои од другите, ќе направи да бидеме уникатни.

Вие сте креативни! Уметникот не е посебна личност – секој од нас е посебен уметник. Секој развива одредени идеи, размислува спонтано, побрзо или побавно. Единствената разлика меѓу луѓето што се креативни и оние што не се е во вербата во себе. Секој има посебен идентитет, секој се перципира себеси поинаку, секој е интересен на поинаков начин и секој има посебни вештини. Затоа, ако некој ви рече дека не сте креативен, бидете сигурни дека станува збор за некој што не се труди или кој не сака да биде креативен.

Креативното размислување е работа. Мора да поседувате страст и да бидете одлучни ако сакате да создадете нешто ново. Сите креативци имаат бројни идеи. Тоа не значи дека сите се одлични. Но се идеи. Со текот на времето мозокот се изострува, со искуството идеите се менуваат. И стануваат подобри. Дури и Пикасо има направено преку 20.000 цртежи за да ги наслика најубавите. Томас Едисон забележал преку 3000 идеи пред да ја измисли сијалицата. Моцарт започнал да пишува 600 музички парчиња. Шекспир напишал 154 сонети. Некои биле подобри од другите, некои биле лоши. Ама биле идеи што ја поттикнале креативноста.

За да бидете креативни мора да се движите – ако создавате идеи ги активирате невроните кои се врзани со гените кои ја забрзуваат работата на мозокот. Идеите доаѓаат и си заминуваат, ама колку почесто добивате идеи, толку ќе ви биде поактивен мозокот. Како со секоја активност – колку повеќе вежбате, толку повеќе се усовршувате.

Вашиот мозок не е компјутер за да можете да го сетирате и да работи беспрекорно. Тоа е динамичен систем што еволуира и се храни од креативната енергија што се создава од искуствата кои се реални или фиктивни. Ако се реални, сликите во мозокот се „живи“, па полесно се создаваат идеите. На тој начин креирал и Алберт Ајнштајн – живите слики од својата фантазија ги пренесувал во своите експерименти. Така настанала теоријата на релативитетот.

Нема само еден точен одговор – реалноста е разновидна. Тоа што за некого е вистина за друг не е. За некого синото е сино, ама друг го гледа како зелено. Не ја „убивајте“ сопствената креативност со ограничувања и цензурирање.

Не запирајте по една добра идеја. По неа може да дојде следна што ќе биде уште подобра. Кога во 1862 година Филип Рајс го покажал својот изум кој можел да пренесува музика преку жици, му рекле дека станува збор за нешто потполно некорисно. А малку недостигало да го измисли телефонот. Тоа го направил Александар Бел десет години подоцна кој направил усовршувањее на изумот на Рајс.

Очекувајте негативни коментари, бидејќи секогаш ќе се најде некој што мисли дека знае повеќе од вас. Не им дозволувајте на таквите луѓе да ве демотивираат. Иако сите предвиделе дека идејата на Фред Смит за создавање на FedEx е осудена на пропаст, компанијата и денес се развива.

Верувајте им на инстинктите. Вие најдобро знаете што можете, а што не, што е најдобро за вас и што може да успее. На родителите на Бетовен им рекле дека е премногу глупав за да компонира музика. Се сложувате со мислењето на неговите учители?

Работите гледајте ги од ваша перспектива. Создадете сопствено мислење. Сите останати искуства се неутрални, бидејќи се туѓи. Може да ви помогнат, но не како она што ќе го искусите самите. Кога асистентот го запрашал Томас Едисон зошто не се откажал бидејќи не успеал 3000 пати претходно, овој му одговорил дека не потфрлил, туку дека пронашол 3000 работи што не функционираат.

Запомнете, никој не може да ја ограничи вашата креативност. Никој не може да ви каже дека не сте добар. Никој не може да очекува да успеете од прва. Бидете упорни, создавајте идеи, размислувајте, работете… Резултатите од вашата креативна работа ќе бидат видливи.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот